Повеќе од половината судови во земјава биле неажурни во 2025 година, а судскиот систем се соочува со сериозен недостиг на кадар и ограничени финансиски средства. Ова го покажуваат годишните извештаи за работата на Судскиот совет и Судско-буџетски совет за реализацијата и трошењето на средствата од судскиот буџет за 2025 година.
Од вкупно 34 судови, 18 го зголемиле бројот на нерешени предмети. Во текот на 2025 година судовите имале 674.851 предмет во работа, од кои решиле 540.241, додека 134.610 останале нерешени. Најдолго се чекало во Вишиот управен суд, каде просечното време за решавање предмет изнесувало 325 дена.
Според извештајот, пополнети се само 65,41 отсто од предвидените судиски места. Од систематизираните 639 позиции, на крајот на годината биле активни 418 судии. Дополнително, пополнети биле само 37,95 отсто од работните места во судската администрација, односно 1.803 од предвидените 4.751 место.
И покрај потребата од нови вработувања, во 2025 година не било реализирано ниту едно редовно вработување во судската власт. Министерството за финансии ги одбило барањата за нови кадри, вклучително и предлогот за 239 неопходни работни места.
Извештајот нотира и дека не е исполнета законската обврска за издвојување најмалку 0,8 отсто од БДП за судската власт. Првично одобрениот судски буџет од 2,97 милијарди денари бил намален на 2,94 милијарди денари.
Иако 16 судови го намалиле бројот на нерешени предмети, вкупните податоци укажуваат на проблеми со ефикасноста, недостигот на кадар и финансирањето на судскиот систем.


