На крајот од кампањата за предвремените парламентарни избори во Србија, се сведуваат заклучоци, според кои текот на кампањата и изборните процедури предизвикуваат сомнеж дека гласањето би можело да биде проследено со манипулации и злоупотреби.
Сомнежите, меѓу другото, произлегуваат пред сè од фактот дека единствениот избирачки список во Србија официјално е заклучен со вкупно 6.450.523 гласачи, наспроти податокот дека Србија, според пописот од октомври 2022 година, има 6.647.003 жители.
Оваа разлика укажува дека, според возрасната структура, во Србија има само 196.480 жители помлади од 18 години, кои немаат право на глас.
Член на Комисијата за ревизија на избирачкиот список посочи дека веќе подолго време постои сомнеж во јавноста за веродостојноста на избирачкиот список.
Истовремено, јавноста, опозицијата и невладиниот сектор предупредуваат дека математички е невозможно полнолетните граѓани со право на глас да сочинуваат дури 98 отсто од вкупното население, бидејќи малолетниците претставуваат значително поголем процент од населението.
Анализите на јавно достапните податоци покажуваат дека повеќе од половина милион гласачи во избирачката евиденција немаат целосна адреса- улица и куќен број.
Според неодамнешното истражување на Радио Слободна Европа, само во 13 погранични општини се заведени околу 85.000 гласачи со фиктивни адреси, како што е „нема улица – 0“.
Предупредувањата на опозицијата за таканаречените „фантомски гласачи“ траат со месеци, а според официјалните податоци, на предвремените парламентарни избори на 25 октомври право на глас ќе имаат повеќе од 500.000 гласачи без прецизно наведена адреса.
Членката на Комисијата за ревизија на избирачкиот список од опозициската Партија за слобода и правда, Ана Гоѓевац, вели дека никому не му е јасно колку гласачи навистина има во Србија.
Таа тврди дека е сигурно оти во избирачкиот список има и лица кои не би требало да бидат во него, бидејќи, како што изјави за телевизијата Н1, главно во 2022 и 2023 година биле пријавувани во Србија на фиктивни адреси, особено во Белград.
Во меѓувреме, медиумите забележуваат и екстремни примери, како оној во Прибој, во југозападна Србија, каде што на адресата на една куќа со површина од 88 квадратни метри се евидентирани дури 247 гласачи.
Колку пари се потрошени во кампањата
Во прелиминарните финансиски извештаи на кандидатите, тие потрошиле повеќе од 8,5 милиони евра за предизборната кампања.
Најскапа била кампањата на владејачката Српска напредна партија (СНС).
Кога ќе се пресметаат и нивните авансни плаќања, напредњаците, предводени од поранешниот претседател на државата Александар Вучиќ, потрошиле околу четири милиони евра за време на кампањата.
Тоа е двојно повеќе од Студентската листа, која се смета за нивен главен ривал на овие избори.
Листата предводена од студентското движење, кое произлезе од бранот масовни антивладини протести, во прелиминарниот извештај пријавила трошоци од околу два милиона евра.
Тоа е единствената листа чија кампања речиси целосно ја финансирале граѓаните. Со донации од повеќе од 26.000 граѓани, студентското движење собрало 1,97 милиони евра.
Конечните трошоци за кампањата ќе бидат познати по објавувањето на изборните резултати, кога сите кандидати се должни да ги достават конечните финансиски извештаи.
Изборите в недела- Вучиќ или студентите
До предвремени парламентарни избори во Србија дојде по речиси две години политички тензии и долготрајни силени протести предводени од студентските движења, што го принуди претседателот Александар Вучиќ да го распушти Парламентот пред истекот на редовниот мандат во 2027 година.
Предвремените избори за нов состав на Народното собрание ќе се одржат в недела, на 25 октомври. На изборите учествуваат вкупно 18 изборни листи.
Бројни аналитичари проценуваат дека во Србија се создава референдумска атмосфера меѓу електоратот по 14 години владеење на СНС и оти клучни играчи ќе бидат Студентската листа и листата на владејачката партија предводена од Вучиќ.
Во исто време, проценките се дека големата излезност би требало да оди во корист на Студентската листа.
Во завршницата на предизборната кампања, на митинзите во Белград, опозицијата ги обвинува Вучиќ и неговите сојузници за насилство врз политичките противници, широко распространета корупција, врски со организираниот криминал и потиснување на слободата на медиумите.
Вучиќ и неговите поддржувачи ги отфрлаат тие обвинувања.


