Двопартиска група сенатори од САД ја повика Србија да обезбеди рамноправни услови за сите учесници на парламентарните избори, предупредувајќи на „загрижувачки знаци“ во пресрет на гласањето на 25 октомври.
„Ги повикуваме владејачката партија и сите релевантни институции да обезбедат мирен, слободен и отворен тек на претстојните избори“, наведоа сенаторите од Републиканската и Демократската партија.
Тие оценија дека „извештаите за незаконско прислушување на опозициски членови и обидите за дискредитирање и поткопување на мисиите за набљудување на изборите се длабоко загрижувачки“. Притоа, истакнаа дека „српските власти мора да обезбедат рамноправни услови за сите партии и отворен пристап до избирачките места за сите граѓани“.
Во соопштението на сенатскиот Комитет за надворешни работи се наведува дека независните набљудувачи на изборите изразуваат загриженост оти гласањето ќе се одржи во непријателска средина за граѓанското општество, набљудувачите и опозициските партии.
„За жал, и српските и меѓународните набљудувачи на изборите утврдија сериозни нарушувања на изборниот интегритет за време на претходните парламентарни избори во 2022 година. Сега гледаме слични загрижувачки знаци во пресрет на изборите на 25 октомври“, наведоа сенаторите.
Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР) пред три години, меѓу позначајните заклучоци за изборниот процес во Србија, укажа на нерамноправни изборни услови, притисоци врз гласачите и вработените во јавниот сектор, злоупотреба на јавните ресурси, нерамноправен третман во медиумите и проблеми со избирачкиот список.
Во соопштението на сенаторите се посочува дека, според наводите на српската независна и непартиска организација ЦРТА и ОДИХР, за време на кампањата биле забележани неколку случаи на заплашување гласачи, злоупотреба на административните ресурси во корист на владејачката партија и заплашување опозициски кандидати од страна на полицијата.
Се додава дека овие загрижености се слични на недостатоците посочени по изборите во 2022 година, кои владејачката Српска напредна партија сè уште не ги отстранила.
„Додека граѓаните на Србија се подготвуваат на 25 октомври да излезат на гласање, ние го поддржуваме нивното право да се слушне нивниот глас во слободни и фер услови и ги повикуваме сите страни да ги почитуваат пребројувањето на гласовите и соодветните постапки за проверка на изборните резултати“, наведоа сенаторите.
Тие истакнаа дека САД долго време го поддржуваат патот на Србија кон евроатлантските интеграции и го препознале нејзиниот потенцијал да придонесе за стабилноста на Западен Балкан.
„Силната демократија во Србија е клучна за остварувањето на сите тие цели“, наведоа сенаторите.
„Повторно ја потврдуваме клучната улога на меѓународните и домашните набљудувачи во зачувувањето на довербата во изборниот процес. Српските власти се одговорни да обезбедат сите институции да ја почитуваат улогата на граѓанските набљудувачи, новинарите и кандидатите за јавни функции“, истакнаа членовите на американскиот Сенат.
Набљудувачите забележале низа сериозни инциденти, избирачкиот список проблематичен
Поранешниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, е носител на листата „Обединета Србија“, додека за негов најголем ривал се смета Студентската листа, која произлезе од студентските протести на кои се бараше одговорност за уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година кога загинаа 16 лица.
Набљудувачите и претставниците на опозицијата и пред овие избори повторно укажуваат на проблеми со избирачкиот список, во кој бројот на гласачи е речиси еднаков на бројот на жители. Радио Слободна Европа еден месец пред гласањето објави дека повеќе од половина милион гласачи се заведени во избирачкиот список без прецизно наведена адреса.
Организацијата ЦРТА на почетокот на октомври соопшти дека низа сериозни инциденти „укажуваат на загрижувачки пораст на насилството во предизборната кампања“, предупредувајќи дека се загрозени безбедноста на граѓаните и нивното право слободно да учествуваат во политичките процеси.
Предизборната делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа, исто така, соопшти дека биле забележани непријателска и агресивна реторика насочена против опозициски активисти, претставници на граѓанското општество и новинари, како и веродостојни наводи за надзор и загриженост за безбедноста на гласачите и набљудувачите.
Делегацијата укажа дека во мај 2026 година биле усвоени измени на четири изборни закони, со кои биле воведени одредени позитивни промени, меѓу кои ограничувања за финансирањето на кампањите и задолжителна обука на членовите на избирачките одбори. Сепак, според делегацијата, со овие измени „не се опфатени во доволна мера претходните препораки на ОДИХР и Венециската комисија, ниту се решени долготрајните проблеми на кои треба да им се даде приоритет“.
Независна форензичка анализа на српски и меѓународни експерти на почетокот на септември потврди дека мета на шпионски софтвер биле опозициски политичари и претставници на студентското движење.
Ректорот на Универзитетот во Белград, Владан Ѓокиќ, во понеделникот објави дека и на неговиот телефон бил пронајден шпионски софтвер.
Апсења во Нови Сад за наводно планирање нереди на изборите
На територијата на Нови Сад, во тек е операција за апсење на група осомничена за „планирање немири на денот на изборите“, јави телевизијата Н1.
Сомневањата се дека групата планирала „околу 80 лица да дојдат во Белград на 25 октомври и да предизвикаат немири“. Во тек се и претреси на згради и простории што ги користат осомничените лица.
Во посебна акција, по наредба на Вишото јавно обвинителство во Краљево, уапсен е М.А. од Врњачка Бања поради сомнение дека „повикал на насилна промена на уставниот поредок и планирал да учествува во немири на денот на изборите во Белград“, пренесе Радио-телевизија Србија.
Полицијата претходно ги претресла зградите и возилата што ги користел осомничениот.
Завршница на кампањата, од четврток предизборен молк
До предвремени парламентарни избори во Србија дојде по речиси две години политички тензии и долготрајни силени протести предводени од студентските движења, што го принуди претседателот Александар Вучиќ да го распушти Парламентот пред истекот на редовниот мандат во 2027 година. Предвременитеизбори за нов состав на Народното собрание ќе се одржат в недела, на 25 октомври.
На изборите учествуваат вкупно 18 изборни листи.
Бројни аналитичари проценуваат дека во Србија се создава референдумска атмосфера меѓу електоратот по 14 години владеење на СНС и оти клучни играчи ќе бидат Студентската листа и листата на владејачката партија предводена од Вучиќ.
Во исто време, проценките се дека големата излезност би требало да оди во корист на Студентската листа.
Во моментов, Србија се наоѓа во завршницата на предизборната кампања. На терен, учесниците на изборите ги привршуваат последните големи митинзи пред почетокот на изборниот молк што стапува на сила в четврток на полноќ.
на митинзите, опозицијата ги обвинува Вучиќ и неговите сојузници за насилство врз политичките противници, широко распространета корупција, врски со организираниот криминал и потиснување на слободата на медиумите. Вучиќ и неговите поддржувачи ги отфрлаат тие обвинувања.


