Српската дијаспора урива рекорди со пријави за гласање на изборите

Објавено:

Српската дијаспора урива рекорди по бројот на пријавени за гласање на претстојните парламентарни избори, објави телевизијата Н1 во пресрет на истекот на рокот за пријавување на полноќ.

Голем дел од оние што се пријавиле за гласање, сè уште не добиле одговор од амбасадите или конзулатите, додека некои не се ни сигурни дали нивното барање за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва ќе биде воопшто процесирано.

„До овој момент евидентирани се 75.000 пријави“, вели Софија Мандиќ, членка на Републичката изборна комисија (РИК).

Бројот на пријавени во 2023, пак, на пример бил околу 39.000, слично како и годината претходно.

Во 2020, според јавно достапните податоци, се пријавиле околу 13.000, додека претходните неколку изборни циклуси бројот не надминувал 10.000.

Парламентарните избори во Србија ќе се одржат на 25 октомври годинава. Кон нив се гледа како избори на кои досега најсериозно е загрозена актуелната владејачка гарнитура предводена од Александар Вучиќ.

Во пресрет на изборите, Вучиќ даде оставка од функцијата претседател на државата и се кандидираше на парламентарните избори со цел како премиер да ја формира идната влада на Србија.

На неговите планови сериозно му се „закануваат“ студентите кои излегоа со своја листа кандидати за парламентарните избори. Токму студентите речиси две години ги предводеа антивладини протести предизвикани од уривањето на настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, при што 16 лица загинаа, а неколку беа повредени.