Украинските сили во текот на ноќта нападнале повеќе индустриски и енергетски цели длабоко на територијата на Русија, објавија украинските медиуми и специјализирани канали што ја следат војната. Меѓу погодените објекти е рафинерија за нафта во Перм, на околу 1.500 километри од украинската граница, каде што по нападот избувнал пожар. Во Улјановск цел била фабриката „Искра“, која произведува електронски компоненти за комуникациска и радиотехнологија.
Експлозии биле регистрирани и во Воронеж, каде што била активирана руската противвоздушна одбрана, а според неофицијални информации била оштетена фабрика за синтетички каучук. Напад е пријавен и во окупираниот Луганск, каде што бил погоден и запален голем објект за градежни материјали.
Руските власти засега официјално не ги потврдија информациите за нападите и обемот на штетата. Украина во последните денови ги засили ударите врз руската нафтена инфраструктура, а претходно беа нападнати објекти во Ростовската област, Краснодарскиот крај и во близина на Уфа.


