Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вели дека Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) годинава има заштеда од околу половина милион евра за гориво, сума која веројатно ќе биде уште поголема со последниот извештај за годинава. Некој, вели, „дебело се офајдувал“ од ова.
„Имаме половина милион евра заштеда за гориво во услови кога имаме 50 автобуси плус пуштено во оптек. Јас кога станав градоначалник во ЈСП функционираа 148 автобуси, денес сообраќаат на линиите над 200 автобуси, а имаме над пола милион евра заштеда што значи дека некој дебело се офајдувал во минатото на сметка на нас граѓаните“, вели Ѓорѓиевски.
Тој вели дека сега „вовел дисциплина“ односно има ГПС уреди на сите автобуси и на сите возила на јавните претпријатија и на Градот Скопје, а поставени се и сонди за мерење гориво.
Градоначалникот за ова зборуваше во платформата Фејсбук каде се вклучи во живо за да разговара со граѓаните за креирањето на буџетот за 2027 година.
Во однос на ЈСП кажа и дека наскоро се очекува да пристигнат долгоочекуваните 100 еколошки автобуси кои ќе помогнат да се нормализираат состојбите во ЈСП односно ќе може да се прават поголеми комбинации за линиите од градскиот автобуски превоз, како и истите да бидат поредовни.
„Тимови од ЕВН, Министерството за транспорт и ЈСП работат за да ги адаптираме позициите за да може да имаат (новите автобуси) соодветни полначи. Некаде треба да се изградат и трафостаници. Има неколку позиции каде ќе треба да се полнат“, рече Ѓорѓиевски.
Тој потенцираше дека нови градски автобуси се набавуваат само кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт посочувајќи дека последните автобуси биле набавени до Влада на неговата партија, а сега и новите исто така ќе бидат во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
Набавка на нови автобуси беше еден од плановите и во мандатот на претходничката на Ѓорѓиевски, Данела Арсовска. Таа како независна кандидатка во 2021-та доби поддршка од ВМРО-ДПМНЕ и победи на изборите, но се скара со партијата.
Токму набавката на автобуси во мандатот на Арсовска повеќе од 20 пати беше ставана на дневен ред на Советот на Град Скопје, но одлуката беше блокирана од советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кој беа најбројни.
Ист случај беше и со реализацијата на проектот за брз автобуски превоз – „Бас рапид транзис“ (БРТ). Тој беше започнат во мандатот на градоначалникот Петре Шилегов од СДСМ и беше критикуван од ВМРО-ДПМНЕ која во тоа време беше опозиција.
Откако ја презеде градската власт, ВМРО-ДПМНЕ и Ѓорѓиевски најавија дека истиот ќе го реализираат критикувајќи ги претходните раководства дека првичниот проект имал низа недостатоци.


