Скопје ќе добие 100 нови автобуси, ЦГК со критики за тендерот

Објавено:

Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски изјави дека е завршена постапката за набавка на нови автобуси и потпишан е договорот и оти во тек е рокот за нивна испорака, додавајќи дека главниот град ќе има приоритет во распределбата на возилата.

„Од вкупно 150 автобуси, Скопје ќе го има приоритетот, односно додека не се исполни квотата од 100 автобуси за градот, нема да се доставуваат автобуси за другите општини“, рече тој.

Ѓорѓиевски информира дека паралелно се работи на подготовка на инфраструктурата за новите автобуси, во координација со ЕВН и ЈСП.

„Во постојана комуникација сме со ЕВН и веќе се излезени сите тимови и екипи на терен да работат и кога ќе стигне првата тура на автобусите, ние да бидеме спремни со инфраструктура. Некаде станува збор за стара мрежа, која не може да го издржи капацитетот, и затоа влегуваме со обновување на мрежата, некаде ќе треба да се постават трафостаници за функционалност. Работиме на три точки: новата железничка станица, Автокоманда и Ѓорче Петров, така што ќе влеземе подготвени во процесот“, потенцира скопскиот градоначалник.

Центар за граѓански комуникации: Недоследности во тендерот

Новата набавка на 150 електрични автобуси вредна 60 милиони евра ќе им донесе на граѓаните возила со значително помал капацитет од постојните, откако државата избра поскапа понуда по две претходно поништени постапки, открива Центарот за граѓански комуникации во своето најново истражување за јавните набавки објавено денеска.

Според анализата, новите автобуси ќе собираат вкупно 66 патници, што претставува намалување за дури 20 места во споредба со последно купените возила за градскиот превоз, односно 30 места помалку во однос на автобусите донирани од Европската Унија.

Ваквиот исход директно влијае врз секојдневниот комфор на патниците и капацитетот на јавниот превоз, иако за набавката на возилата се одвоени 57 милиони евра од државниот буџет, додека дополнителни 3 милиони евра се наменети за станиците за полнење.

Постапката за набавка на еколошките автобуси траеше 15 месеци и беше повторена трипати, што според мониторингот создало ризик од меѓусебна координација меѓу фирмите.

Унгарскиот производител „Икарус“ и кинескиот „Зонгтонг“, кои во вториот обид за набавка настапуваа како директни ривали, во третиот повик доставија заедничка понуда со која го добија милионскиот договор.

Избраната понуда не беше финансиски најповолна, бидејќи надлежната комисија претходно елиминира две поевтини понуди од други понудувачи.

Како подизведувач во зделката се јавува домашната компанија ЕВН Македонија задолжена за полначите од германско-кинеско производство, додека Министерството за транспорт одбило да ги достави анализите врз основа на кои се менувале условите во документацијата, се вели во анализата на Центарот за граѓански комуникации.