Скандал на повидок, со законски измени власта ја брише одредбата за уплата на 6 отсто во вториот пензиски столб, обвини опозицискиот СДСМ повикувајќи се на предлог измени на Законот за пензиско и инвалидско осигрување што се објавени на веб-страницата на Електронски национален регистар на прописи (ЕНЕР).
„Со нив се предлага бришење на членот 120, односно на одредбата за уплата на 6% во вториот пензиски столб. Што значи ова за граѓаните? Ако уплатата во вториот столб не се уреди со друга одредба во овој или во друг закон, сите придонеси би останале во првиот столб, во Фондот за ПИОМ. Ако остане вака, ова значи дефинитивно рушење на вториот пензиски столб“, рече Маја Борозан од СДСМ.
Таа обвини дека власта „ги доведува во ризик пензиските заштеди на повеќе од 650.000 граѓани кои членуваат во вториот пензиски столб“.
„Фондот за ПИОМ е доведен во сериозно тешка финансиска состојба. Во Фондот недостигаат близу една милијарда евра. Во изминатите месеци ПИОМ не префрлил околу 50 милиони евра во вториот пензиски столб. На пратеничкото прашање каде се тие пари, власта не даде одговор. Ова се пари на работниците. Ги заработиле со својот труд и секој месец ги издвојуваат од своите плати за идните пензии. Христијан Мицкоски да излезе пред граѓаните и да одговори. Зошто се предлага бришење на членот 120? Каде ќе одат придонесите што сега се уплаќаат во вториот столб?“, повика Борозан.
Што пишува во членот 120?
Нацрт-измените за кои зборуваат од СДСМ се објавени на ЕНЕР на 11 ноември. Во нив е наведено дека целта е усогласување со Законот за системот за проценка на лица со попреченост и со Законот за регистар на задолжително социјално осигурување, но во остатокот од образложението нигде конкретно не се споменува како бришењето на споменатиот член 120 ќе се одрази на уплатите во вториот пензиски столб.
Овој член во постоечкиот закон содржи три става и гласи:
„(1) Стапката на придонесот за вториот пензиски столб изнесува 6% од основицата за плаќање на придонесот утврдена со закон. (2) Стапката на придонес за првиот пензиски столб претставува разлика меѓу вкупната стапка на придонес од првиот столб и процентот од став (1) на овој член. (3) За осигурениците за коишто придонесот за пензиско и инвалидско осигурување се пресметува и плаќа на нето, а поделбата на придонесите се врши во ист сооднос според ставовите (1) и (2) на овој член“.
Како функционира уплатата во вториот пензиски столб?
Во Македонија постојат три столба, од кои третиот е незадолжителен. Првиот е државниот Фонд за пензиско и здравствено осигурување. Вториот е приватен и тој е задолжителен.
Придонесите за пензиско и инвалидско осигурување по закон се распоредуваат во првите два столба. Тие се во висина од 19,9% од бруто платата – 13,9% одат во државниот фонд, а останатите 6% државниот фонд ги префрла во вториот приватен столб на лична сметка на осигуреникот – работникот.
Со парите од вториот столб располагаат приватни пензиски друштва кои треба да работат со нив на пазарот на капитал за да остварат принос односно да ги зголемат парите, а на крај кога еден вработен ќе се пензионира да има повеќе пари на сметка односно поголема пензија.
Мицкоски најави реформа на пензискиот систем
Меѓутоа, тоа не е според очекувањата, посочи неодамна премиерот Христијан Мицкоски и најави дека Владата разгледува реформа – вториот столб повеќе да не биде задолжителен туку граѓаните сами да одлучуваат дали дел од придонесите ќе го доверат на вториот столб или не.
„Ние разгледуваме некое меѓу, хибридно решение со кое на граѓаните ќе им се даде слобода дали ќе сакаат да го користат само државниот или ќе сакаат и во државниот и во приватните пензиски столбови“, изјави премиерот на 30 октомври.
Тогаш, тој ги прозва друштвата што располагаат со парите во вториот столб дека не работеле доволно добро и не ги „оплодувале“ парите на граѓаните. Напротив, според него, резултатот е три пати помал од очекуваното.
„Тоа значи дека тие (приватните пензиски друштва) се слаби претприемачи. Не можете да ги користите средствата од граѓаните и да не ги оплодувате и да не носите приноси онакви какви што треба, какви што сте се договориле пред 20 години кога е почната таа реформа. И сега некој друг да ви е виновен. Тоа така не оди. Ако сте неуспешен во бизнисот доаѓа некој кој е успешен“, изјави премиерот на 30 октомври.
Тој им порача дека со „легачење“ не може да се продолжи бидејќи на крај, државата дава дополнителни пари за пензии зашто тие не ги „оплодиле“ оние пари што им биле доверени.
„Не може тие компании кои ја добиле честа да управуваат со средствата на граѓаните пред 20 години, да не ги оплодуваат онака како што очекуваат. Еве првите корисници ги добиваат средствата, тие се мали и нормално бидејќи се многу мали државата мора да дава дополнителни средства до минималната пензија. Тоа нема логика“, рече премиерот.


