One stop shop меѓу Македонија и Албанија на „Ќафасан“, автопатот ќе почека

Објавено:

Поминувањето на границата меѓу Македонија и Албанија преку граничниот премин „Ќафасан“ отсега треба да биде поедноставно и побрзо бидејќи започнува да се применува интегрираниот граничен систем „Уан стоп шоп“ (One stop shop). Таков систем земјава веќе има со Србија на „Табановце“ и во пракса значи дека контролата на патниците и стоката ќе се врши на едно место односно интегрирано наместо на две места, секоја од двете држави одделно.

За автопатското поврзување меѓу Македонија и Албанија, пак, преку овој регион ќе почека бидејќи треба да се бара ново решение поради препораките од УНЕСКО под чија заштита е Охридскиот регион, каде се наоѓа Ќафасан. Амбициите на македонската страна се да се заврши во следните три години.

На промоцијата на „Уан стоп шоп“ на овој граничен премин присуствуваа делегации од двете држави, предводени од премиерите Христијан Мицкоски и Еди Рама.

„За нас претставува задоволство што може да го отпочнеме овој начин на соработка меѓу Македонија и Албанија бидејќи системот ќе го олесни транспортот на патници, неколку милиони годишно го поминуваат овој граничен премин. А, ќе ги доближи и онака блиските односи меѓу Македонија и Албанија. Очекувам овој начин на комуникација да продолжи и на другите гранични премини со Албанија и на тој начин дополнително да ги зголемиме врските“, рече Мицкоски.

Тој додаде и оти очекувањата се системот да влијае и на зголемување на туризмот и туристичкиот потенцијал што го имаат двете држави на чија територија се наоѓа Охридското Езеро, но и за албанското море.

Промовирајќи го овој граничен премин, Рама употреби албански израз кој значи „верувај, но и контролирај“.

„Ние имаме израз на албански јазик – верувај, но и контролирај. Досега на овој граничен премин бевме ’контролирај-контролирај‘, но отсега ќе бидеме ’верувај и контролирај‘. Следниот чекор ќе биде ’верувај-верувај‘, за да бидеме заедно во наредниот чекор кон ЕУ“, рече Рама.

Коридор 8 – важен и за ЕУ и НАТО, но и за УНЕСКО

Албанскиот премиер нагласи дека двете држави се во соработка и на многу важен проект, не само за Албанија и Македонија туку за ЕУ и НАТО.

„Тоа е проектот за Коридорот 8“, потенцираше Рама.

Коридорот 8 поминува низ Бугарија, Македонија и Албанија односно треба да ги поврзе – со автопатишта и железница Јадранското и Црното Море.

Работата на повеќе автопатски делници во западниот дел на македонска територија, кој треба да се поврзе и со Албанија, е во тек.

Но, она за што треба да се бара ново решение е токму делницата што треба да поминува во Охридскиот регион, кај „Ќафасан“.

„Делницата Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани напредува согласно предвидената динамика. Исто така, ја почнавме изградбата на делницата Букојчани-Кичево која треба да ја поврзе делницата Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани со делницата Кичево-Охрид и така да биде целосно заокружена делницата од Тетово до Охрид“, рече Мицкоски.

Власта со амбиција да го заврши автопатот во 2029

Кај местото Требениште е оставена клучка каде автопатот треба да продолжи кон граничниот премин „Ќафасан“, но таму ќе се бара друга траса наместо таа што беше предвидена.

„Тука знаете дека тој периметар во моментов е предмет на УНЕСКО и согласно последниот извештај на УНЕСКО треба да бараме друго техничко решение. Конечно, јас сум оптимист дека целокупната делница до крајот на 2029 година ќе биде завршена, а делницата Кичево-Охрид ќе биде пуштена до крајот на вториот квартал од следната година“, рече премиерот.

Охридскиот регион и од македонска и од албанска страна е прогласен за светско наследство од страна на УНЕСКО во 1979 година. Меѓутоа, изминативе години тој се најде на раб да биде ставен на листата на светско наследство во опасност. Меѓу клучните проблеми што се нотираат беа дивоградбите, неконтролираната урбанизација, а како проблематична се споменуваше и токму рутата за Коридорот 8.

Предлог да биде прогласен за наследство во опасност, имаше лани, но одлуката се пролонгираше за една година. Кога годинава требаше да се донесе одлуката, при заседавањето на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во јули 2026 статусот на регионот „преживеа“ и тој не заврши во категоријата „во опасност“. Македонија и Албанија добија дополнителен рок од пет години да ги спроведе препораките кои треба да го заштитат природното и културното наследство на Охридскиот регион. Меѓу нив, е и решение за трасата од Коридорот 8.