На делницата Тетово – Гостивар – Букојчани, која е дел од стратешкиот Коридор 8, се работи со голем интензитет и се изведуваат сериозни инженерски работи но има предизвици поради кои рокот за завршување на трасата е продолжен за две години, односно до 2029 година, информира Александар Николоски, вицепремиерот и министер за транспорт.
Главната причина, рече тој одговарајќи на новинарско прашање, е тоа што претходната влада, на СДСМ и ДУИ, две години не сработила ништо од проектот.
„За ова во ноември месец добивме известување од надзорниот инженер кој побара да се продолжи рокот за завршување на проектот за најмалку две години, затоа што мора да се компензираат тие две години што се изгубени од претходната влада и ние тука немаме избор освен тоа да го направиме. Така што, ќе одиме на рок до најрано декември 2029 година, што не значи дека нема да се завршуваат проекти и порано, но тоа е крајниот рок“, рече Николоски.
Тој заедно со премиерот Христијан Мицкоски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски, и претставници на конзорциумот „Бехтел и Енка“ извршија увид во градежните работи.
Другите предизвици, според Николоски, се однесуваат на дислокацијата на постојната инфраструктура која поминува низ овој регион, а е од клучно значење не само за државата, туку и за нејзиното енергетско и телекомуникациско поврзување надвор.
„По овој пат поминува една од главните оптички врски за целата држава, не само интерно за државата, туку и она што излегува како меѓународна интернет комуникација и мора да бидеме многу внимателни за да не се случи, не дај Боже, прекин. Понатаму, тука поминува еден од главните далноводи во државата, од којшто зависи снабдувањето со електрична енергија. Секако тука поминуваат телефонски и електрични врски помеѓу општините, поминуваат водоводни и канализациони системи, и исто така на потегот Тетово – Гостивар поминува главниот канал за наводнување на целото Полошко Поле. Така што тоа се сите работи коишто треба да се дислоцираат пред да се влезе во изградба на автопатот“, рече Николоски.
Третиот предизвик е поврзан со делот од Тетово до Гостивар, каде има многу натпатници бидејќи од двете страни живее бројно население, а дополнително мора да се одржува во кондиција и постојниот пат поради спојувањето со Маврово и како алтернативен пат за Кичево и за Охрид, според Николоски.
Во делот на цената на изградбата, Николоски кажа оти не верува дека ќе има некакви анекси на договорот.
Претставникот на американско-турскиот конзорциум во изјава за медиумите најави уште поинтензивна работа на делницата во текот на летниот период.
Коридор 8 треба да ги поврзе Јадранско Море со Црно Море преку Албанија, Македонија и Бугарија. Основната траса е Бари – Драч – Тирана – Елбасан – Струга – Кичево – Гостивар – Тетово – Скопје – Куманово – Крива Паланка – Ќустендил – Софија – Пловдив – Бургас – Варна.


