Светска банка прогнозира раст на македонската економија од 2,9 отсто

Објавено:

Светска банка прогнозира раст на македонската економија од 2,9 проценти за годинава, или за 0,1 проценти понизок од претходната проекција. За 2027 и 2028 година се предвидува раст од 3 отсто.

Во најновиот извештај Светска банка оценува дека економскиот раст на Западен Балкан се очекува да продолжи да забавува во 2026 и 2027 година, како последица од конфликтот на Блискиот Исток, постојаната инфлација и зголемената неизвесност. Додаваат дека зголемувањето на активноста на работната сила ќе биде од суштинско значење за да се одржи моментумот на реформи во регионот.

Редовниот економски извештај за Западен Балкан предвидува дека регионалниот економски раст на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија ќе достигне 2,8 проценти во просек во 2026 година, што е за 0,3 процентни поени под претходните проекции. Се очекува растот умерено да се зголеми на 3,2 проценти во 2027 година.

„Глобалната неизвесност и геополитичките тензии го попречуваат растот во Западен Балкан, а растечките цени директно ги погодуваат паричниците на луѓето“, рече Шиаочинг Ју, директорка при Светска банка за земјите од Западен Балкан.

За разлика од овие прогнози, Владата проектира економски раст од 3,8% во 2026 година, при што капиталните инвестиции ќе бидат главен двигател, со дополнителен импулс од приватните инвестиции и потрошувачката.

Спротивно на тоа, опозициската СДСМ смета дека ваквите проекции се контрадикторни со реалната состојба. Ставот на опозицијата е дека планираните капитални инвестиции се дури и пониски од претходната година, што, според нив, го доведува во прашање остварувањето на најавениот раст.

И додека носителите на политиките користат краткорочни фискални мерки за да го ублажат влијанието на овие притисоци врз домаќинствата и фирмите, извештајот на Светската банка покажува дека клучот за долгорочен економски напредок се работните места.

„Регионот на Западен Балкан има голем број неискористен потенцијал – жени, млади луѓе и други кои сакаат да работат, но се соочуваат со реални пречки на пазарот на труд. Нивното вклучување во работната сила е еден од најефикасните чекори што регионот може да ги преземе за да ја зајакне економијата“, вели Ју. 

Според извештајот, населението на Западен Балкан старее побрзо од речиси секое друго место во Европа. Во текот на следната деценија, најмалку едно од пет лица во регионот се очекува да биде над 65 години.

Во меѓувреме, луѓето во работоспособна возраст, вклучувајќи ги и дипломираните студенти и физичките работници, бараат подобри плати и перспективи во странство. Парадоксот е што недостига работна сила во клучните сектори, дури и кога многу луѓе остануваат без работа или едноставно се откажале од барањето на работа.

Извештајот укажува на недоволно искористен човечки капитал: жени, млади луѓе и други кои сакаат да работат, но се соочуваат со пречки за влез на пазарот на трудот. Доколку стапките на учество на работната сила во регионот се совпаднат со оние во споредливи земји од Европската Унија, тоа би значело повеќе од 2,8 милиони дополнителни работници достапни за намалување на недостигот на работна сила. Само вработувањето на повеќе жени би можело да додаде околу 0,35 процентни поени на годишниот раст.

Меѓудругото, извештајот апелира на тоа работата да стане попривлечна опција – почнувајќи со правилата за даноци и бенефиции кои, во многу случаи, сè уште го прават останувањето дома финансиски побезбеден избор.

Како пример се наведува фактот што во повеќето земји од Западен Балкан, пријавувањето на каков било приход од работа веднаш ги дисквалификува поединците од бенефиции насочени кон сиромаштијата, правејќи го вработувањето финансиски ризик, а не награда. Исто така, се истакнува потребата од прифатлива грижа за деца и стари лица, подобра обука за работа и работни места кои нудат вистинска флексибилност и пристојни услови, вклучително и за работниците на онлајн платформи.