Специјална ревизија во Еј-Би-Си по барањето на Трамп да се отпушти Кимел

Објавено:

Откако една шега на водителот на вечерна емисија Џими Кимел предизвика повици од Белата куќа до американската телевизија Еј-Би-Си да го отпушти комичарот, Федералната комисија за комуникации на САД во вторник нареди рана ревизија на лиценците на телевизиските станици на мрежата, јавува новинската агенција Ројтерс.

Ова е сериозна криза со која се соочува новиот извршен директор на „Волт Дизни“, Џош Д’Амаро.

Спорната вечерна емисија на Кимел, која се емитува на Дизниевата телевизија ABC, ја обработуваше како тема два дена пред да се случи годишната вечера на Здружението на дописници од Белата куќа, на која присуствуваше американскиот претседател Доналд Трамп, кога во хотелот влета вооружен напаѓач кој набрзо беше приведен.

Кимел во емисијата се пошегува со првата дама Меланија Трамп дека има сјај на жена која очекува да стане вдовица.

„Што – очигледно беше шега за нивната разлика во годините и изразот на радост што го гледаме на нејзиното лице секој пат кога се заедно“, додаде тој саркастично.

„Беше многу блага шега, за фактот дека тој има речиси 80 години, а таа е помлада од мене“, изјави Кимел објаснувајќи ја шегата што ја кажал.

Семејството Трамп очекува телевизијата да го отпушти Кимел поради забелешката, јавува американската конзервативна телевизија Фокс њуз.

Во понеделник, Меланија на социјалната платформа Х објави пост во кој вели „насилна реторика полна со омраза на Кимел има за цел да ја подели нашата земја“ и дека неговите коментари за нејзиното семејство не се комедија.

„Доста е. Време е Еј-Би-Си да заземе став. Колку пати раководството на Еј-Би-Си ќе го овозможи ужасното однесување на Кимел на сметка на нашата заедница“, додаде таа.

Претседателот Трамп, исто така, се огласи на својата социјална мрежа Truth Social за да повика на отпуштање на Кимел, тврдејќи дека неговите забелешки се „повик на насилство“ и сугерирајќи дека шегата најавува безбедносен инцидент.

„Ова е нешто далеку над границите на она што е прифатливо. Џими Кимел треба веднаш да биде отпуштен од Дизни и ABC“, додаде Трамп.

Напаѓачот на вечерата на новинарите Кол Томас Ален вчера и формално беше обвинет за обид за атентат на Трамп откако се обиде да упадне на настанот вооружен со сачмарка, пиштол и ножеви. Тој рани агент на Тајната служба, пред да биде совладан и уапсен, додека Трамп беше итно евакуиран.

Минатиот септември, Еј-Би-Си го откажа популарното вечерно шоу на Џими Кимел на неодредено време поради неговите коментари за убиството на конзервативниот инфлуенсер Чарли Кирк. Матичната куќа „Волт Дизни“ ја поништи оваа одлука неколку дена подоцна.