Германскиот канцелар Фридрих Мерц предупреди дека руските амбиции не се ограничени само на Украина, туку претставуваат поширока закана за Европа и нејзината безбедност. Говорејќи на 25 ноември, за време на расправата за буџетот, тој порача дека Москва има јасни цели кои ги надминуваат рамките на војната во Украина, пренесоа светските новински агенции.
„Русија точно знае што сака и сака повеќе од Украина“, изјави Мерц, додавајќи дека секој што не го разбира тоа или не ја согледува реалноста или има поинаква агенда, спротивна на слободата и демократските вредности на Германија.
Германскиот канцелар оцени дека неговата земја предолго ги занемарувала прашањата поврзани со одбраната, инфраструктурата, демографските промени и економијата, поради што сега мора итно да се посвети на нивно решавање.
Тој предупреди и на зголемување на тензиите во повеќе региони. Според Мерц, Русија врши притисок во балтичкиот регион, во Полска, на Црното Море, па дури и во вселената. Притоа, тој тврдеше дека ескалацијата се одвива и на германска територија, понекогаш со човечки жртви.
„Како Европејци, мораме да ѝ поставиме и ќе ѝ поставиме јасни граници на Русија“, порача Мерц.
Предупредувањата доаѓаат во период кога западните разузнавачки служби, според претходни извештаи, изразиле загриженост дека Москва би можела да постави во орбитата сателит опремен со нуклеарна боева глава.


