Дали „Алта банка Битола“ располага со 80 милиони евра во готовина и парични еквиваленти, како што е прикажано во билансот, и што ќе се случи со заштедите над 30.000 евра доколку дојде до обесштетување?
Ова беше едно од главните прашања на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, во рамките на која се одржа продолжението на надзорната расправа на темата: „Причини за воведувањето администрација во АЛТА банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност“.
Прашањето за ликвидноста и евентуалното обештетување на клиенти со заштеди од над 30 илјади евра го отвори пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска, која посочи дека, според финансиското образложение објавено на Берзата на 30 октомври, банката во првите девет месеци од годинава пријавила загуба од 48,64 милиони денари, по добивка од 49,15 милиони денари во истиот период лани. Како што кажа пратеничката, на 30 септември банката прикажала 8,91 милијарди денари депозити на клиенти, а ликвидната актива изнесувала 43,91 отсто од вкупната актива.
Таа нагласи дека овие податоци ја одразуваат состојбата на 30 септември, пред одземањето на дозволата на матичната банка во Србија, и праша дали е проверено дека банката во Битола и денес располага со прикажаните 80 милиони евра во готовина и парични еквиваленти. До Фондот за осигурување на депозити, Костадиновска Стојчевска постави прашање дали евентуалната разлика меѓу билансот и фактичката состојба би се одразила врз обесштетувањето на штедачите. Таа побара одговор и за тоа кој би го исплатил обесштетувањето, од кои средства и како штедачите би можеле да си го побаруваат делот од заштедите над 30.000 евра.
Во расправата учествуваше и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски, кој упати прашања до директорката на Дирекцијата за банкарска регулатива и решавање банки при Народната банка, Фросина Целеска.
„Можете ли прецизно да ни ја објасните законската процедура за издавање претходна согласност за стекнување квалификувано учество во банка, кои институции учествуваат во проверките и она што е можеби најважно, дали Владата или Министерството за финансии имаат каква било законска надлежност да одобрат или да спречат вакво преземање?“, праша Јаревски.
Пратеникот кажа дека на претходната надзорна расправа гувернерот на Народната банка, Славески, посочил дека биле спроведени четири нивоа на проверки, па ја праша Целеска: „ Од аспектот на гувернерот којшто на претходната надзорна расправа посочи дека биле спроведени четири нивоа на проверки. Кои конкретни документи биле прибавени од домашни и странски институции, дали имало негативни мислења или предупредувања и како биле оценети претходните санкции изречени од австрискиот финансиски регулатор?“.
Според Фросина Целеска, директорка на Дирекцијата за банкарска регулатива и решавање банки во Народната банка, „Алта банка Битола“ е солвентна и ликвидна, а показателите за квалитетот на нејзиното кредитно портфолио не отстапуваат значително од просекот на банкарскиот систем. Токму овие показатели, според неа, биле причина Народната банка да оцени дека банката може да продолжи со работа и да воведе администрација наместо да ја одземе дозволата и да се отвори стечајна постапка.
Одговарајќи на прашањата на пратениците Јован Митрески, Тони Јаревски и Дијана Тоска, Целеска објасни дека одлуката за воведување администрација била донесена врз основа на супервизорска оцена дека банката има услови да продолжи да функционира.
Според неа, во рамките на администрацијата се преземаат контролирани и внимателно осмислени мерки чија цел е да се обезбеди непречено работење на банката сè додека не се најде нов сопственик и не се промени нејзината сопственичка структура.
„Состојбата со Алта банка е таква што таа може да продолжи да работи. Во рамките на администрацијата преземени се контролирани и добро дизајнирани мерки чија цел е банката да може непречено да работи сè додека не се најде друг сопственик, односно не се замени сопственичката структура“, истакна Целеска.
Алта банка, која во Србија е во сопственост на контроверзниот бизнисмен Давор Мацура кој важеше за близок до власта на Александар Вучиќ, на македонскиот пазар влезе во септември 2025 станувајќи мнозински сопственик во Стопанска банка АД Битола. По преземањето, оваа банка беше преименувана во Алта банка.


