Уапсен Драган Вучиќевиќ, сопственик на српската телевизија Информер

Објавено:

Сопственикот и главен уредник на српската телевизија Информер, Драган Ј. Вучиќевиќ, е уапсен во близина на телевизијата, по налог на Второто основно јавно обвинителство, пренесуваат медиумите.

Според нив, тој е уапсен под сомнение за предизвикување паника и нереди во продолжено траење, како и за попречување на правдата.

Како што објави новинската агенција Танјуг, повикувајќи се на Информер, Вучиќевиќ бил пресретнат од полициски службеници кои не биле униформирани и не биле обележани како припадници на полицијата.

Тој бил однесен во полициската станица Вождовац.

Шефот на пратеничката група „Србија победува“, Александар Вучиќ, на седницата на Народното собрание на Србија изјави дека „Вучиќевиќ е уапсен само поради неговата новинарска работа“.

Ова не е првпат овој месец полицијата да дојде по Вучиќевиќ. Утрото на 10 ноември, тој самиот објави дека тројца полицајци дошле на неговата домашна адреса со налог за приведување.

Во последните недели, телевизијата Информер добиваше казна по казна.

На 4 ноември, Советот на РЕМ утврди особено сериозно кршење на законот и изрече седумдневна забрана за емитување на информативната програма на таа телевизија.

Веќе на 10 ноември следеа нови мерки: забрана за емисијата „Колеџ“ во траење од 10 и 15 дена поради две контроверзни емисии, петдневна забрана за реклами и десетдневна забрана за програми од 18 до 21 часот.

На 27 октомври, медиумските здруженија и организациите на граѓанското општество поднесоа до REM иницијатива за одземање на лиценцата за емитување на Информер.

Вучичевиќ и претходно имаше проблеми со законот. Во април 2023 година, тој се пријави на отслужување шестмесечна затворска казна, бидејќи одби да ја плати казната од 200.000 динари (околу 105.000 денари) на која беше осуден за навреда на новинарот Југослав Ќосиќ.