Белгискиот премиер Барт Де Вевер на 23 ноември постави рок до крајот на годината неговата влада да ги реши заглавените буџетски преговори. Ова го соопшти денот кога во Белгија се одвива протести ширум државата против најавените мерките за штедење. Владејачката коалиција составена од пет партии и предводена од Де Вевер не успеа да се договори за буџетот за следната година по разговорите што траеја со месеци, создавајќи политичка криза што го поттикна премиерот пред три недели да поднесе оставка.
„Доколку немаме буџетски договор (пред крајот на годината), владата практично нема да може да управува, со што ќе стави крај на своето постоење“, соопшти кабинетот на Де Вевер.
Де Вевер бара во буџетот да се предвиди заштеда од 10 милијарди евра за да ги одржи државните финансии под контрола. Сепак, фламанската социјалистичка партија „Воруит“ инсистира на повисоки даноци на богатството за да ги ублажи кратењата во здравствената и социјалната потрошувачка што ги прифатија другите четири партии.
„Еден коалициски партнер одбива да го прифати предложениот баланс“, соопшти кабинетот на Де Вевер откако тој го информираше кралот Филип за состојбата со разговорите.
Палатата соопшти дека кралот ги повикал сите страни да вложат максимални напори за да се избегне пролонгирана криза. Во близина на палатата во центарот на Брисел, околу 50.000 работници и синдикални претставници, според полициски проценки, излегоа на улиците за да изразат незадоволство поради кратењата направени од владата.
„Товарот се става врз населението во целина, додека цел сегмент од многу богати луѓе, најбогатиот 1% од населението, е оставен на мира“, изјави учителот Филип Наим, пишува новинската агенција Ројтерс.
Финансиите на Белгија се под притисок. Европската комисија минатата недела прогнозираше дека односот на долгот кон бруто-домашниот производ следната година ќе изнесува 113,4%, зад само Грција, Италија и Франција меѓу земјите од еврозоната.


