ИРЛ: „Истерувачи на долгови“ во незаконска наплата на брзите кредити

Објавено:

Дел од продавниците за брзи пари, користат неформални наплатувачи на долгови кои без законска основа одат на домашни адреси и вршат притисок и заплашување врз должниците и нивните семејства, покажува најновото истражување на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) со наслов „Мажи во црно“ во потрага по должници на брзи кредити.

Според сведоштвата на граѓани што ги собрал ИРЛ, наплатата на терен често вклучува закани со извршители и затвор, па дури и барања за предавање предмети од домаќинството. Во еден од документираните случаи, непознати лица без легитимација извршиле притисок врз 63-годишна мајка на должник, по што таа исплашена подигнала и им предала 20.000 денари, иако не била должна законски да плати за кредитот.

Дел од сведоците ги препознале наплатувачите како обезбедувачи на објекти или лица со криминално досие, кои не си заминувале од имотот сè додека не добијат барем дел од парите. Иако во некои договори за брзи кредити има клаузули со кои клиентите однапред се согласуваат на посети дома или на работното место, правниците за ИРЛ посочуваат дека таквата согласност не дава право на принуда, вознемирување или барање пари од членови на семејството.

Според македонските закони присилна наплата можат да вршат исклучиво судови, нотари и извршители, додека 12-те активни агенции за наплата на побарувања се обични трговски друштва без такви овластувања. Од Министерството за внатрешни работи (МВР) за ИРЛ потврдиле дека од почетокот на минатата година досега биле пријавени 14 настани поврзани со закани, вознемирување и присилна наплата од финансиски друштва или агенции, при што за осум случаи се изготвени записници за прием на кривични пријави.

Од Групацијата на небанкарски финансиски друштва, пак, велат дека не оправдуваат закани и незаконски притисоци и нагласуваат дека друштвата немаат право самостојно да одземаат имот. Истражувањето покажува и дека пазарот на брзи кредити забрзано расте, а со него и ризикот. До средината на 2026 година биле активни 263.423 кредити во вкупен износ од 237 милиони евра, додека износот на лоши и ненаплатливи кредити за првпат надминал една милијарда денари (околу 16,5 милиони евра), односно 7% од портфолиото. И покрај надзорите на Министерството за финансии, при што биле казнети 18 друштва со вкупни глоби од околу 46.400 евра и одземени четири дозволи, ИРЛ наведува дека сè уште нема суштинска законска реформа за ограничување на високите трошоци, а идејата надзорот да премине кај Народната банка останува во втор план.