Управниот суд ќе пресече за студентскиот оброк: МОН нуди 156, студентите бараат 200 денари

Објавено:

Вкупно 156 денари треба да изнесува субвенционираниот студентски оброк, наместо досегашните 140 денари, покажала пресметката на стапките на инфлација од Државниот завод за статистика. Оваа информација денеска ја соопшти Министерката за образование Весна Јаневска и посочи дека поради недоречености во Законот и различните правни толкувања, сè уште нема усогласување, а конечниот збор ќе го има Управниот суд, каде веќе се поднесени три тужби против Министерството.

„Пресметките што ние ги правевме на стапките објавени од Завод за статистика се 156 денари. Но, Законот е недоречен, а правниците тврдат дека тоа е така и оттаму неусогласеност и двојното толкување. Веќе има пристигнато три тужби во Министерството од Управниот суд. Постапката е во тек и како ќе одлучи судот, ние така ќе постапиме“, изјави Јаневска.

Тужбите до Управниот суд се поднесени од Форумот за образовни промени, Левица и Либерално-демократската партија. Од Левица обвинуваат дека студентите се оштетени за околу 400 милиони денари поради неусогласувањето со инфлацијата и го отфрлаат аргументот на МОН дека законот е нејасен,повикувајќи се на членов од него според кој Министерството е задолжено за усогласување и надзор при спроведувањето.

Партијата најави нов предлог за законски измени и амандман на предлог-буџетот за 2027 година, откако нивните претходни предлози за зголемување на оброкот на 200 денари беа одбиени од владејачкото мнозинство

Во меѓувреме, министерката се сретнала со новото раководство на Студентското собрание на УКИМ, на која е договорено МОН редовно да го исплаќа законскиот минимум од 140 денари.

Се очекува студентските собранија на факултетите писмено да се изјаснат за новиот владин модел, кој предвидува формирање работна група и јавен повик за избор на оператори за храна. Преку посебна владина мобилна апликација, студентите би добивале 20 проценти попуст на храна кај избраните оператори, како за сумата од оброкот, така и за производите што ќе ги купат со сопствени средства.

Сепак, студентите сè уште не можат да сметаат на оваа сума бидејќи исплатата е блокирана од различни правни толкувања на законот и три активни тужби пред Управниот суд.

„Постапката е во тек. Како ќе одлучи судот, така ќе постапиме“, порача Јаневска, со што практично го префрли решението на проблемот за студентскиот стандард во рацете на управните судии.

Претходно премиерот Христијан Мицкоски најави дека студентите ќе бидат поканети за да им биде претставена понудата, нагласувајќи дека „на овој начин многу повеќе ќе се зголемат привилегиите на студентите од тоа што се сега – 140 денари за дневен студентски оброк“.

Подготвуваме еден поголем пакет кој е единствен таков во Европа, каде што студентите преку апликацијата М-услуги ќе имаат повеќе привилегии и повеќе услуги во коишто ќе користат привилегии. Ценам дека кога сево ова ќе биде готово, ќе биде пријатно изненадување за студентите, рече премиерот Христијан Мицкоски.

Инаку, претходно студентските организации побараа субвенционираниот студентски оброк да се зголеми од сегашните 140 на 200 денари, а предлогот од владата беше воведување на систем по кој ќе добиваат ваучери само за храна.

Студентските претставници бараат поголема финансиска поддршка со оглед на зголемените трошоци за живот.

„Поентата е што побрзо да се зголеми тој студентски оброк. Така што, независно од систематските промени – дали ќе функционираме со картички како досега или ќе го менуваме системот – ние бараме во најбрз можен рок да се зголеми оброкот. Колку ќе се зголеми? Таков одговор не добивме“, изјави неодамна претставничка на студентите по разговорите во Владата.

Законот за субвенциониран студентски оброк беше донесен во февруари 2020 година како резултат на долгогодишни студентски иницијативи и протести. Со него се воспостави систем за финансиска поддршка од државата со цел да им се помогне на студентите за купување приготвена храна. Кога законот стапи во сила во 2020 година, субвенцијата изнесуваше 120 денари дневно по студент, средства кои се исплаќаа на наменска картичка за купување храна кај договорни партнери (маркети, пекари, ресторани).