Нарачани текстови во медиумите можат да се објавуваат единствено како реклама за маркетинг цели, кои медиумот мора јасно да ги означи, порачуваат од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).
Реакцијата од двете здруженија доаѓа поради, како што велат, загриженост поради изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за нарачувањето текстови во медиумите.
Изјавата на Мицкоски ја даде во интервју на ТВ Телма пред два дена, а во врска со пишувањето на Фајненшл Тајмс (ФТ) за деловните операции на Алта банка Србија во Австрија. Тој алудираше дека конкретен текст во овој медиум бил или би можел да биде нарачан.
„Фрлањето сомнеж врз угледен светски медиум и кон кој било професионален медиум не испраќа добра порака. Уште посериозен е ставот на премиерот дека политичките субјекти ’може да нарачаат текстови во каков било портал‘ и ’сешто да пишува‘, како и дека премиерот ’не разбира што не е добро тука‘“, велат од ССНМ и ЗНМ.
На дополнителните прашања, премиерот негираше дека тој или партијата на власт нарачуваат текстови за да оцрнат некого.
„ССНМ и ЗНМ го имаат предвид тоа, но сметаат дека ваквите изјави, без оглед на намерата, ја поткопуваат улогата на слободните медиуми во стабилните демократски општества: да бидат контролор на власта и да придонесуваат за информирана јавност врз основа на факти потврдени од релевантни извори“, велат од организациите.
Тие нагласуваат и оти се свесни дека можеби постојат и неформални нарачки во некои медиуми, но таа пракса целосно е спротивна на професионалните етички стандарди на новинарството и тоа е штетно по јавниот интерес.
„Затоа, ваквите изјави дополнително ја нарушуваат и онака кревката доверба во медиумите и во новинарите. ССНМ и ЗНМ апелираат до сите политички чинители, а особено до креаторите на политиките, да бидат внимателни во јавните настапи и да се воздржат од изјави што го доведуваат во прашање кредибилитетот на медиумите, без разлика дали се домашни или странски“, потенцираат двете организации.


