Министерството за финансии спроведе вонреден надзор над работењето на финансиските друштва и изрече привремена забрана за одобрување кредити во времетраење од 30 дена и глоба согласно со законските прописи на две финансиски друштва.
Вонредниот надзор беше спроведен во последните три месеци постапувајќи по пријави од граѓани при што беа преземени соодветни мерки согласно со законските прописи, се вели во соопштението од министерството.
Надзорот над финансиските друштва се спроведува согласно со Законот за финансиските друштва и подзаконските акти, преку континуирано вонтеренско следење и непосредни контроли.
Активностите на финансиските друштва се следат континуирано при што особено внимание се посветува на претставките, пријавите и информациите доставени од граѓаните, како значаен извор на сознанија за работењето на овие субјекти и за евентуалните ризици за корисниците на финансиски услуги.
Притоа, секоја претставка или пријава доставена до Министерството за финансии се разгледува во рамките на неговите законски надлежности и во зависност од содржината и наводите, се преземаат соодветни активности.
Министерството за финансии ги охрабрува сите граѓани кои сметаат дека се оштетени или имаат сознанија за неправилности во работењето на финансиските друштва да поднесат пријава до Министерството за финансии.
Министерството спроведува континуиран надзор над работењето на финансиските друштва и од јули 2024 година има изречено мерка за одземање четири дозволи за работа на финансиски друштва, привремено затворање на три финансиски друштва, глоби на 18 финансиски друштва во вкупен износ од 3.040.323 денари или околу 49.400 евра, како и 58 писмени наредби со рокови за отстранување на утврдените неправилности.


