Општина Крива Паланка ја поздравува информацијата за вчерашната одлука на Владата, со која се утврдуваат конкретните задолженија на надлежните државни институции за решавање на долгогодишниот проблем со говедата на територијата на општината.
„По две и пол години аргументирана, упорна и континуирана борба, граѓаните на Крива Паланка се пред победа. Како градоначалник ја поздравувам оваа одлука, со која се потврдуваат нашите досегашни аргументи и ставови во однос на законските надлежности и одговорноста на институциите за решавање на проблемот“, истакнува градоначалникот Сашко Митовски.
Со владините задолженија се утврдуваат конкретните обврски на надлежните институции: Агенцијата за храна и ветеринарство да ги залови и одземе говедата и да биде носител на оперативните активности, Агенцијата за управување со одземен имот – преземање, транспорт, сместување и згрижување на одземените говеда, Министерството за внатрешни работи – полициска асистенција и обезбедување на теренските активности…
Митовски нагласува дека токму на ваквата распределба на законските надлежности Општина Крива Паланка континуирано укажуваше во изминатите две и пол години.
„Ова е значаен чекор напред, но нашата борба не завршува тука. На институциите ќе им дадеме шанса и простор да го реализираат Акцискиот план и во овој момент ги ставаме во мирување плановите за најавените протести“, информира градоначалникот.
Митовски посочува дека, и покрај прифаќањето на аргументите за надлежностите, остануваат отворени суштински прашања во однос на динамиката, опфатот и целосната реализација на предвидените активности.
„Вистинската победа ќе ја прогласиме тогаш кога нашите граѓани ќе можат безбедно да се движат, кога нивните имоти ќе бидат заштитени и кога ќе престанат штетите со кои секојдневно се соочуваат. Дотогаш, нема отстапување“, порача градоначалникот на Крива Паланка.


