Кравите ги извадија кривопаланчани на протест

Објавено:

Жителите на Крива Паланка и околните села денеска излегоа на протест со барање за итно спроведување на решенијата за одземање на околу 1.000 крави, кои со години неконтролирано се движат низ градот и околината и предизвикуваат сериозни материјални штети. Демонстрантите излегоа на протест под мотото „За безбедност, за заштита на имот и за спроведување на законот“. Тие бараат координирана реакција од надлежните институции и трајно решение за проблемот со кравите кои слободно се шетаат низ градот и им ги уништува поседите.

На собирот, оштетените жители се жалеа за уништени земјоделски насади, оштетени приватни имоти и финансиски загуби, но и на директни закани по безбедноста на нивните семејства при обидите да ги заштитат или обработуваат своите површини.

Поддршка за барањата изрази и градоначалникот Сашко Митовски, кој истакна дека решенијата за одземање на добитокот се донесени пред повеќе од две и пол години, но сè уште не се спроведени на терен. Тој порача дека ќе остане со граѓаните сè додека не се отстрани и последното грло добиток од градот.

Претседателот на Советот, Миле Трајковски, најави порадикални чекори доколку институциите продолжат да го игнорираат проблемот, а на протестот присуствуваа и пратениците Љупчо Николовски и Борислав Крмов.

Протестот следува откако во изминативе две недели Општинскиот кризен штаб бара од Владата да прогласи 30-дневна кризна состојба во општината. Претходно, на 18 ноември, беа поднесени кривични пријави, претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и барање за вонреден инспекциски надзор, со цел да се утврди институционалната одговорност за неспроведувањето на законот.

Проблемот со неконтролираниот добиток трае повеќе од две години. Според истражувањето на БИРН од декември 2025 година, државата формално и на хартија ги одзела животните од сточарот Гоце Ѓорѓиевски и неговите три ќерки пред повеќе од две години. Сега Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) фигурира како сопственик само во документацијата, додека кравите и понатаму слободно се движат низ планинските предели, а често ја преминуваат и државната граница.

Случајот го следат и неуспешни правосудни постапки. Уште во 2018 година, полициска пријава открила мрежа од соработници, меѓу кои ветеринари и државни контролори, кои му овозможиле на сопственикот незаконски да наплати субвенции од 70.000 евра. Предметот со години стоел без отворена истрага во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, за по измените на Кривичниот законик во 2023 година, делото за злоупотреба на службената положба да застари, по што случајот бил вратен во кумановското обвинителство.