Градоначалникот на Крива Паланка бара мандат за решавање на проблемот со кравите

Објавено:

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, на денешната прес-конференција побара од Владата и Агенцијата за храна и ветеринарство итно да утврдат законски механизам со кој Општината ќе може да ја координира акцијата за отстранување на добитокот од улиците и имотите на граѓаните, во соработка со надлежните институции и под ветеринарен надзор.

Митовски посочи дека граѓаните предолго трпат материјални штети, а правосилните и извршни решенија за одземање на животните, кои постојат повеќе од две години, сè уште не се целосно спроведени.

„Не барам да ги заобиколиме институциите или законите. Напротив, барам институциите да создадат услови во кои ќе можеме да постапуваме заеднички, организирано и законски“, истакна Митовски.

Градоначалникот посочи дека со префрлање на одговорноста меѓу институциите нема да се дојде до конкретен резултат и повика на заедничко постапување.

Тој нагласи дека приоритет е проблемот да се реши, потврдувајќи ја подготвеноста на Општината да преземе поголема улога во спроведувањето на акцијата штом се обезбедат законските услови.