Савески најави брзи обвинителски одлуки, додека осомничениот е на слобода со мерки на претпазливост

Објавено:

Државниот јавен обвинител Ненад Савески изјави дека Јавното обвинителство е свесно за опасноста од криминалитетот поврзан со насилство врз жени и уверува дека се преземаат сите истражни дејствија за целосно расветлување на случајот со претепаната девојка Сара Ѓоргиевска во Охрид. Ова е одговор на новинарско прашање поврзано со мерките на претпазливост кои ги побарал охридскиот обвинител за 31 годишниот маж кој ја претепал својата девојка до бессознание и ја исфрлил од колата пред маркет.

„Таму интензивно се работи на разоткривање на целата состојба на работите. Свесни сме за тоа колку е од значење Јавното обвинителство да покаже брзо и ефикасно постапување во овој случај, свесни за опасноста на овој вид криминалитет. Очекувам денес да бидам известен од надлежниот обвинител и денес да донесе јавнообвинителска одлука“, изјави Савески.

Во однос на правната квалификација на делото како „тешка телесна повреда“ наместо обид за убиство и прикривање, републичкиот обвинител истакна дека не може да шпекулира зошто е донесена таква одлука. Тој нагласи дека надлежниот обвинител во Охрид е во контакт со оштетената, од чиј исказ се очекуваат значајни докази, а со постапката ќе бидат опфатени сите лица вмешани во настанот.

„Доколку би ви одговорил на вашето прашање и би утврдил јас соодветна правна квалификација, тоа би се свело на мое шпекулирање. Бидејќи правната квалификација произлегува од сето она што ќе се собере во текот на доказната постапка, пардон, истражната постапка. Сето она што од истражните дејствија ќе биде собрано како доказен материјал ќе биде ценето во склоп на една целина, поединечно. Денес сум известен од надлежниот јавен обвинител дека веќе се во контакт и со жртвата, односно оштетената во кривичноправниот настан. Тој исказ ни е многу суштествен. Од него ќе произлезат многу докази што се од голема доказна вредност. Ќе замолам во текот на денот да дојдеме до соодветна фактичка состојба, односно состојба на работите од јавнообвинителски аспект. И, како што ви кажав, ќе имаме официјално соопштение и за правната квалификација и за соодветната јавнообвинителска одлука“, рече обвинителот Савески.

Во меѓувреме, по предлог на ОЈО Охрид, судија на претходна постапка од Кривичниот суд во Охрид на осомничениот му изрече мерки на претпазливост: забрана за приближување до оштетената на помалку од 50 метри, одземање на патната исправа со забрана за издавање нова, како и обврска за јавување пред судот на секои две недели.

Савески информира дека надлежниот јавен обвинител веќе остварил контакт со жртвата, нагласувајќи дека нејзиниот исказ е суштествен и има голема доказна вредност.

Случајот предизвика силни реакции во јавноста откако мајката на жртвата Сара Ѓоргиевска која беше беше претепана и исфрлена од автомобил пред супермаркет во Охрид обвини дека осомничениот, додека девојката била во бессознание, мислел дека е мртва, барал инструкции од својот татко како да се ослободи од телото.

„Во моментот кога мојата ќерка била во бессознание, Кристијан, мислејќи дека таа е мртва, стапил во контакт со својот татко, барајќи помош како да се ослободи од нејзиното тело. Неговиот татко му давал насоки како да се ослободи од телото на мојата ќерка. Пред сето тоа, нејзиниот телефон бил намерно искршен, со што ѝ била одземена можноста да повика помош и да побара спас. „Собери ги сите познаници, да го прикриеме нештово и да се ослободиме од оваа, дали да ја фрлам во некоја провалија?“ Ова се зборови кои Сара ги слушнала во момент кога се наоѓала во крајно беспомошна состојба“, пишува мајката Ирена на Фејсбук .

Семејството јавно и гласно бара одговорност, стравувајќи дека осомничениот како син на актуелен и поранешен функционер од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, може да помине неказнет.

Во меѓувреме таткото на жртвата, е задржан во полициска станица поради испратена заканувачка порака до семејството на осомничениот.