Почина мексиканскиот нарко-бос Мигел Анхел Феликс Гаљардо

Објавено:

Озлогласениот мексикански нарко-бос Мигел Анхел Феликс Гаљардо почина во болница на 80-годишна возраст.

Феликс Гаљардо важеше за еден од најголемите шверцери на дрога во историјата, а му се припишува „заслугата“ за создавање сојуз помеѓу криминалните групи во Колумбија и неговиот сопствен мексикански картел.

Познат како „Кум“ или „Шеф на шефовите“, Феликс Гаљардо беше на чело на моќниот картел „Гвадалахара“, кој доминираше со трговијата со дрога во Мексико за време на најголемиот подем на кокаинот во 1980-тите години.

Во тоа време, тој воспостави нов начин на делување во илегалната трговија со дрога, кој опстојува и денес. Тој се наоѓаше во државен притвор уште од 1989 година.

Името на Мигел Анхел Феликс Гаљардо ќе остане запишано во историјата на шверцот со дрога повеќе од кое било друго, со исклучок, можеби, на името на Пабло Ескобар, пишува Би Би Си.

Тој ја предводеше организацијата што направи револуција со шверцот со дрога во регионот преку партнерство со колумбиските картели – особено со картелот „Меделин“ на Ескобар – комбинирајќи го производството во Андите со мексиканскиот транспорт преку границата во Соединетите Држави.

Во еден период, се проценуваше дека 80% од вкупното количество кокаин што влегувало во САД потекнувало од картелот „Меделин“. Феликс Гаљардо и неговата организација одиграа клучна улога во шверцувањето на таа дрога.

На врвот на својата моќ, картелот „Гвадалахара“ под водство на Феликс Гаљардо имаше огромно влијание врз мексиканската политика и органите за спроведување на законот, контролирајќи цели полициски мрежи, па дури и државни гувернерства.

Во 1985 година, обрачот околу водачите на картелот почна да се стега по мачењето и убиството на агентот на ДЕА (Агенција за сузбивање на дрога), Енрике „Кики“ Камарена.

Камарена ги разгневи откако откри, а потоа и уништи, огромна плантажа со марихуана во Чивава, која ѝ припаѓаше на криминалната група. Неговото убиство поттикна една од најголемите потраги по криминалци што американската влада некогаш ги спровела во Северна Америка.

Во 1989 година, Феликс Гаљардо беше фатен и осуден на повеќедецениска затворска казна. Поради влошена здравствена состојба, во 2022 година му беше одобрен домашен притвор, но технички проблеми со електронската нараквица за следење го оневозможија неговото преместување. Тој почина во болница во својот роден град Гвадалахара. Во 1980-тите години, Хоакин „Ел Чапо“ Гузман го запознале со Феликс Гаљардо, кој му ја доверил одговорноста за логистиката во својата организација за трговија со дрога.

По апсењето на Феликс Гаљардо и последователното распаѓање на неговата организација, се појави картелот Синалоа, предводен од Гузман – човек кој стана синоним за трговија со дрога од големи размери. Во 2019 година, по едно од најекспонираните судења во поновата историја на САД, Гузман беше осуден на доживотен затвор за кривични дела што вклучуваат трговија со дрога и перење пари.