Охридската полиција денеска го привела 31-годишниот Х.К. од Охрид, по пријава за физички напад на неговата девојка.
„Денеска, 15.11.2026, во 5 часот во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид го лишија од слобода Х.К. (31) од Охрид, постапувајќи по претходна пријава дека физички ја нападнал неговата девојка“, информираше портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Тој додаде дека по целосното документирање на случајот, против осомничениот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Според неофицијалните информации што ги објавија дел од медиумите, на нападот, наводно, му претходела расправија по која Х.К. ја нападнал девојката во автомобил и ја тепал додека не изгубила свест. Потоа продолжил да вози низ Охрид, а кога таа се освестила, наводно го запрел возилото во близина на маркет и ја исфрлил од автомобилот.
Портпаролот на СВР Охрид посочи дека по целосното документирање на случајот, против осомничениот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава. Деталите за околностите на нападот, повредите на девојката и нејзината здравствена состојба засега не се официјално потврдени.
Полициските билтени, последните десетина месеци, постојано бележат вакви или слични настани, особено во делот на семејното насилство.
Во последните 10 месеци, споредено со истиот период лани, над 70 проценти е зголемен бројот на пријавите поврзани со семејно насилство. Во МВР годинава биле пријавени 1.897 настани, од кои 95 проценти се однесуваат на телесна повреда при вршење семејно насилство и загрозување на безбедноста.


