Американското разузнавање контра Трамп: Иран се уште има многу балистички ракети

Објавено:

И покрај изјавите од Белата куќа и од американскиот државен секретар, Марко Рубио, дека Иран е многу ослабнат од американските и исраелските наопади, американски разузнавачки агенции велат дека Иран има меѓу 1.500 и 2.500 балистички ракети.

Овој разузнавачки податок ги доведува во прашање тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека иранската војска е практично уништена, објави „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на американски претставници запознаени со разузнавачките податоци.

Проценката се смета за несигурна, бидејќи е тешко да се утврди колку ракети се подготвени за лансирање, а колку се наоѓаат во складишта. Сепак, американските претставници сметаат дека Техеран сè уште располага со значителни капацитети за напад врз американските сили и нивните сојузници, доколку повторно избие војна.

Иако американските и израелските напади сериозно ги оштетија иранските капацитети за производство на ракети, Техеран продолжи да ги дополнува своите залихи користејќи претходно произведени компоненти.

Производството е побавно отколку што беше пред војната, но Иран сè уште поседува голем број беспилотни летала и ракети со краток дострел. Израелски воени претставници, исто така, проценуваат дека Техеран располага со повеќе од 1.500 балистички ракети.

Симон Ледин, поранешен висок функционер во Пентагон за време на првиот мандат на Трамп, предупредува дека дури и најниската проценка би значела оти Иран го обновил повеќе од половина од ракетниот арсенал што го поседувал пред војната.