Ива Михаилова среде афера за наводни закани од бугарската тајна служба

Објавено:

Ива Михаилова од Кочани, која избега во Бугарија, повторно е меѓу главните теми во македонската и бугарската јавност – овој пат со тврдења од бугарски новинар за нејзината поврзаност со бугарската тајна служба – Државната агенција за национална безбедност на Бугарија (ДАНС).

Станува збор за новинарот односно јутјубер Станислав Цанов кој посвети цела емисија на Михаилова со наслов „ЌЕ ИЗЧЕЗНЕШ“ – заканата од ДАНС, објавувајќи и разговори со неа.

Имено, станува збор за тврдења од Цанов дека таа се договорила со него да гостува во неговиот поткаст, но неколку часа пред снимањето откажала. Причината, според тврдењата, што било ДАНС ја условил првото интервју да го даде на новинарот Мартин Карбовски, кој исто така има свој поткаст.

Според разговорите што тој ги објавува, Михаилова му посочила дека од службата ѝ кажале да гостува кај Карвобски бидејќи нему може да му кажат кои прашања да ги постави.

Ако гостува на друго место пред тоа, ДАНС наводно и се заканиле оти снимката од тоа гостување ќе биде избришано, а дополнително Михаилова ќе ја изгуби и ветената рехабилитација од државата и помошта околу адвокатите.

Цанов во емисијата пропагира и оти Михаилова е невина и оти била прогонувана во Македонија само затоа што се декларирала како Бугарка.

Ива Михаилова е девојка од Кочани со двојно државјанство – македонско и бугарско. Таа е обвинета за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ по учеството во сообраќајка на 7 октомври 2025 на експресниот пат Кочани – Штип, во која имаше и загинат.

Жалејќи се дека е жртва на репресија затоа што е Бугарка и дека ѝ е потребна рехабилитација, Михаилова со помош на нејзиниот бугарски адвокат во октомври избега од Македонија и покрај судските мерки што беа на сила, како што се одземени пасоши и забрана за напуштање на Кочани.

Македонските институции распишаа меѓународна потерница, а кочанскиот суд одлучи да ѝ се суди во отсуство.

Во бегство во Бугарија е и таткото на Ива, Симеон Михаилов. И тој е двоен државјанин и по него македонските органи имаат распишано меѓународна потерница за издржување на затворска казна од 12,5 години затвор.

Тој е осуден во случајот „Детонатор“, меѓу другото и за обид за убиство. Тој првично беше осуден на доживотен затвор, но потоа казната му беше намалена.

„Детонатор“ е полициско-судски случај од 2012 година против организирана криминална група која дејствувала главно во Кочани и околината, при што група од околу 15 лица беше обвинета за лихварство и изнуда, злосторничко здружување, насилство и други кривични дела. Беа запленети над 1.000 покер апарати, а како последица на акцијата беа сменети 13 командири на полициски станици и началникот на СВР Штип.

Михаилов еднаш беше во бегство, но беше уапсен во Италија од каде беше екстрадиран во 2014 година. Во меѓувреме, излезе од притвор, а пред затворската казна од 12,5 години да стане ефективна повторно избега, овој пат во Бугарија од каде до ден денес не е екстрадиран.

Онлајн емисијата на Цанов, посветена на Ива Михаилова, е во продолжение: