Падот од власт на Александар Вучиќ е политички феномен, но вистинскиот тест за студентското движење што го победи допрва доаѓа. Студентската листа треба за шест месеци за да воспостави ред во Србија и да ја покаже насоката што ќе ја следи земјата, изјави известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула.
Тој го опиша Вучиќ како „политички деспот“ и предупреди дека е многу полесно да се отстрани автократ отколку да се отстранат условите што му дозволиле да остане на власт, пренесе хрватскиот „Јутарњи лист“.
„Ја следам ситуацијата во Србија со години, всушност од првиот ден кога се вклучив во политиката. Се обидувам да го искористам, а не да го злоупотребам, моето искуство кога зборуваме за Србија. Секако, за мене, заминувањето на Вучиќ е празник за очите. Тоа е сосема јасно. Ова е политички деспот, типичен авторитарен политичар, роден од малигна традиција во српската политика, кој за жал остана на власт предолго. Но, сега мора да одговориме на прашањето како стигна до тука и, што е многу поважно, каде ќе оди Србија по изборите на 25 октомври“, рече Пицула во Брисел.
Европратеникот го привлече вниманието на политичкото влијание што Вучиќ продолжува да го има и покрај неговиот изборен пораз, како и на необичната природа на успехот на студентското движење, објави хрватски „Телеграм“.
„Вучиќ раководи со политичка партија за која се проценува дека има помеѓу 700.000 и 800.000 членови. За земја со големина на Србија, со население помалку од седум милиони, ова е огромна организација. Нема да исчезне преку ноќ. Покрај тоа, партијата има 103 пратеници во Националното собрание. Од друга страна, изборниот успех на студентите е резултат на експеримент што никогаш порано не е виден во модерната историја, барем не во Европската унија. Две години, разузнавачките служби и полицијата на Вучиќ не успеаја да го пробијат движењето до тој степен што го направија неспособен да функционира. Покрај тоа, студентите го соборија, што е политички феномен сам по себе. Тие успеаја затоа што стигнаа до секое село, воспоставија контакт со граѓаните и развија свој систем на донесување одлуки преку пленуми. На овој начин, ја одржаа својата независност и го координираа ова масовно движење на незадоволство. Сега се поставува прашањето како да се излезе од овој карбонарски, таен модел на функционирање, да се премине на донесување одлуки во јавните институции“, објасни Пицула.
По победата на „Студенстка листа – Студентите победуваат“ на парламентарните избори пред еден месец, во Националното собрание членуваат 140 претставници на Студентската листа, меѓу кои интелектуалци, универзитетски професори и, според Пицула, особено важни, луѓе кои не се членови на политички партии. Тие се соочуваат со предизвикот да преминат од организирање протестно движење кон управување со земја со долгогодишни административни традиции.


