На седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет каде што денеска почна расправата за Предлог-буџетот за 2027 година, власта и опозицијата изнесоа спротивставени ставови околу економските проекции, капиталните инвестиции и задолжувањето на државата.
Образложувајќи го предлогот пред пратениците, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека Буџетот за 2027 година е насочен кон обезбедување стабилни и одржливи јавни финансии, продолжување на фискалната консолидација и поддршка на економскиот раст преку развојни инвестиции и редовно исполнување на обврските кон граѓаните.
Според проекциите на Министерството за финансии, вкупните приходи за 2027 година се планирани на 395,4 милијарди денари, што е раст од 5,7% во однос на 2026 година, додека вкупните расходи се проектирани на 440,4 милијарди денари, односно раст од 4,8%.
Буџетскиот дефицит е предвиден на 45 милијарди денари или 3,5% од БДП, а за капитални инвестиции се издвојуваат 40,8 милијарди денари. Владата очекува економски раст од 3,8%, придвижен главно од домашната побарувачка и бруто-инвестициите кои се проектирани да растат за 6,8%, додека приватната потрошувачка би пораснала за 2,5%, а јавната за 1,1%.
На приходната страна, даночните приходи се проектирани на 223,1 милијарди денари, социјалните придонеси на 133,8 милијарди, неданочните приходи на 30,5 милијарди, а донациите на 5 милијарди денари.
Просечната инфлација за 2027 година се проектира на 3,2%, вработеноста се очекува да порасне за 1,2%, а просечната нето-плата за 6,7%. Министерката нагласи дека фокусот ќе остане на подобрата наплата на приходите, дигитализацијата и намалувањето на неформалната економија.
Од друга страна, пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, упати остри критики дека Владата бара доверба за управување со над 440 милијарди денари јавни средства без да покаже транспарентност и одговорност, повлекувајќи паралела и со скандалот околу „Алта банка“. Тој предупреди на сериозен дисбаланс меѓу трошоците за камати и развојните ставки, нагласувајќи дека средствата за камати се зголемуваат за 18,2%, наспроти капиталните расходи кои растат за само 1,7%.
„За секој дополнителен денар планиран за капитални инвестиции, се предвидуваат приближно пет и пол дополнителни денари за камати. Товарот од сервисирањето на јавниот долг расте многу побрзо од новите вложувања во економската иднина“, рече Битиќи.
Тој исто така предупреди дека јавниот долг достигнал 10,93 милијарди евра, наспроти 8,48 милијарди евра на крајот на 2023 година, што е раст од 2,45 милијарди евра или речиси 29%, односно околу 6.000 евра долг по секој жител, додавајќи дека власта се обидува статистичката корекција на БДП да ја прикаже како намалување на долгот иако неговиот апсолутен износ продолжува да расте.


