Демократска Република Конго во изминатите шест месеци регистрирала повеќе од 11.000 случаи на ебола, а речиси половина од заразените починале, објави денеска агенцијата ДПА.
Вистинскиот број на жртви би можел да биде и поголем, бидејќи експертите предупредуваат дека вирусот можеби незабележано се ширел уште од февруари, неколку месеци пред епидемијата официјално да биде прогласена на 15 мај.
Еболата е тешка заразна болест предизвикана од група вируси кои можат брзо да предизвикаат губење течности, воспалителни реакции, нарушувања на згрутчувањето на крвта и, на крајот, откажување на органите. Колку подоцна ќе започне лекувањето на симптомите, толку е поголем ризикот од смртен исход, пишува ДПА.
Раните симптоми може да се помешаат со симптоми на други болести, како што е маларијата, што во некои случаи го одложува изолирањето и лекувањето на пациентите.
Сегашната епидемија е особено тешко да се стави под контрола бидејќи не постојат вакцина ниту специфичен лек одобрен за сојот на вирусот наречен Бундибуџо (Bundibugyo).
Еболата досега се проширила во осум провинции во земјата, но и надвор од границите на Конго. Случаи се регистрирани и во Кенија, Нигерија и Уганда.
Најтешко се погодени децата, кои сочинуваат значителен дел од потврдените случаи и имаат поголема веројатност да починат, наведуваат здравствените служби.


