Светската здравствена организација предупреди дека актуелната епидемија на ебола во Демократска Република Конго, доколку продолжи да се шири со сегашното темпо, би можела да стане најсмртоносната епидемија на оваа болест во историјата, објави Би-Би-Си.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гебреисус, изјави дека постои опасност епидемијата од 2026 година да ги надмине размерите на епидемијата од периодот 2014–2016, за време на која починаа најмалку 11.000 луѓе.
Актуелната епидемија официјално беше прогласена на 15 мај, а досега се регистрирани најмалку 4.300 заразени и повеќе од 2.000 смртни случаи.
„Вирусот е пред нас“
СЗО се надева дека во наредните три месеци би можело да дојде до пресврт во борбата против ширењето на болеста. Сепак, организацијата предупредува дека тоа не значи целосно завршување на епидемијата, туку ставање на преносот на вирусот под контрола, пренесува Би-Би-Си.
Дополнителен проблем претставува фактот дека вирусот веројатно се ширел со месеци пред епидемијата официјално да биде прогласена. Здравствените власти сметаат дека ширењето започнало уште во февруари.
„Го бркаме вирусот, вирусот е пред нас“, изјави директорот на СЗО за Африка, д-р Мохамед Џанаби, на прес-конференција во градот Бунија, недалеку од жариштето на епидемијата.
Истражувањата покажале дека болеста на почетокот во некои случаи била погрешно дијагностицирана како маларија или тифус. Поради тоа, вирусот имал време незабележано да се шири меѓу населението.
Редок вид за кој нема одобрена вакцина
Епидемијата ја предизвикува редок сој на ебола – Бундибугио, кој досега бил одговорен за само две познати епидемии – во 2007 и 2012 година.
Голем проблем претставува фактот дека за овој сој моментално не постои одобрена вакцина ниту специфични терапевтски лекови, објави Нова.рс.
Сузбивањето на епидемијата дополнително го отежнува долготрајната нестабилност на истокот на Демократска Република Конго. Според проценката на Мохамед Џанаби, здравствените работници поради таквите околности успеваат да стигнат до само околу 30 проценти од случаите.
Тоа значи дека голем број заболени потенцијално остануваат надвор од здравствениот систем, што значително го отежнува пронаоѓањето на контактите на заразените и прекинувањето на ланците на пренос на вирусот.



