Во цела држава, над 5.700 дечиња се на листа за чекање за прием во градинка, додека моменталните капацитети за сместување веќе се надминати. Власта планира до крајот на следната година да има 37 нови градинки, во кои би се сместиле речиси 4.000 дополнителни деца.
Група родители обединети во иницијатива за „Хумани и безбедни“ градинки алармира на состојба во овие установи – тврди дека има пренатрупаност во дел од градинките во Аеродром и со над 40 деца во група, додека паралелно нема доволно кадар. Бараат надлежните да го решат проблемот за децата и вработените воспитувачки и негувателки да имаат подобри и побезбедни услови. Општината признава дека има реална потреба од нови капацитети, ветува дека работи да го надмине проблемот додека паралелно кон бројките гледа и од агол на тоа што децата се „соодветно распоредени во возрасни групи“ и што не сите деца одат секој ден во градинка.
Колку деца собира една занимална во градинка? 15, 20 или 40? Колку треба да бидат според правила, а како е во пракса? Колку воспитувачки и негувателки се доволни за нив?
Околу овие прашања се „судираат“ родители и Општината Аеродром. Првите, алармираат на константна пренатрупаност во градинките и се загрижени, пред сè, за безбедноста и здравјето на децата, додека локалната власт декларира отвореност за разговор за проблемите, но и тврди оти состојбата во реалноста и не е така алармантна бидејќи „децата се соодветно распоредени по возрасни групи и објекти“.
„Како родители, веќе подолго време сме сведоци на пренатрупаноста во детските градинки во Аеродром, но официјалните податоци до кои дојдовме се вистински аларм за сите нас. Кога имате јаслени групи каде што престојуваат 39 или 44 деца наместо законски предвидените 12, а притоа за нив се грижат само еден воспитувач и еден негувател, тука веќе не зборуваме само за квалитет на образование, туку за директен ризик по безбедноста и здравјето на децата“, вели за Колегиум.мк, Иван Јованов, претставник на Граѓанската иницијатива „Хумани и безбедни градинки – Аеродром“.
Бројките на кои се повикуваат од иницијативата, родителите велат ги обезбедиле во текот на изминатото лето преку слободен пристап до информации од јавен карактер. Пред локалната власт, тие настапија со конкретни барања и предлози, а деновиве испраќаат дописи и до останатите институции.
Бараат вонреден инспекциски надзор од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) во однос на противпожарните и евакуациските протоколи, како проверка на хигиенските и епидемиолошките услови од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Наспроти тврдењата од иницијативата на родители дека во некои групи има и над 200 отсто преоптовареност, на што ги и темелат своите барања, локалната власт смета дека сликата е поинаква.
„Наводите дека капацитетите во одредени градинки се надминуваат за повеќе од 200 проценти не ја отсликуваат реалната состојба во целина и треба да се разгледуваат во контекст на конкретниот објект, возраста на децата, бројот на групи и начинот на кој децата се распоредени“, велат од Општина Аеродром за Колегиум.мк.
Ова не е единствената општина што се соочува со недоволно капацитети за сместување деца од претшколска возраст. Проблемот е најголем во Скопје.
Ѓорче Петров, Кисела Вода, Гази Баба, Бутел и Сарај се општините каде според листата на чекање за упис на дечиња имаат најголема потреба од отворање нови капацитети, покажуваат податоците од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Недостигаат и кадар и капацитети
Во обид да се најде решение, групата родители од Аеродром веќе беа и на средба со локалната власт и градоначалникот Дејан Митески. Нивната листа од седум барања, преку онлајн петиција за десетина дена ја потпишаа над 200 граѓани.
Меѓу краткорочните барања што ги имаат тие е да се вработат воспитувачи и негуватели бидејќи посочуваат недостигаат 47 воспитувачи и негуватели само во Аеродром.
Таму има две градинки – „Срничка“ и „Буба Мара“ и секоја од нив, има по шест засебни објекти. Во некои од нив, како што посочуваат од иницијативата „Хумани и безбедни градинки – Аеродром“, според бројките што ги добиле од надлежните, во јаслените групи (бебиња од 8 месеци до 2 години) имало и по 40 дечиња. Покрај тоа што овие групи се предвидени да бидат од 12 до 15 деца, недостига и кадар односно имаат по три негувателки на 40-тина деца.
Дел од состојбата со кадар е променета во текот на летово, барем според податоците што Колегиум.мк ги доби од Општината на 18 септември. Локалната власт тврди дека во „Буба Мара“ бројот на воспитувачи е соодветен на бројот на деца и потребите за организација на воспитно-образовниот процес. Додека недостаток има во другата градинка во Аеродром – „Срничка“ каде по систематизација од 51 работно место за воспитувачи недостигаат 9, а од 72 за негуватели празни се само седум.
Кога е во прашање состојбата во градинките и справувањето на кадарот со големиот број деца, од Општината меѓу другото посочуваат и оти не сите запишани деца се присутни во градинка секој дел или во текот на целиот ден. Така посочуваат и конкретен пример – на 18 септември, наведуваат, во сите објекти во двете градинки имало 1.704 дечиња, додека бројот на запишани изнесува 2.589.
Додека родителите од иницијативата сметаат дека надлежните не треба на овој начин да ја релативизираат состојбата и да го решат проблемот, на нивната листа барања е и да се приспособат и алтернативни објекти надвор од градинката за згрижување на деца.
На долг рок, пак, инсистираат да се определи наменска ставка и да се изградат ветените пет нови градинки во општината, да има јавен и транспарентен регистар за листа на чекање.
„Реална потреба од нови градинки“
Реална е потребата од дополнителни капацитети за згрижување на деца, велат од Општината.
Додека родителите сметаат дека отворањето на еден од објектите на градинката „Срничка“ што беше срушен за да се изгради поголем, нема да го реши проблемот, од Аеродром велат дека тоа ќе придонесе да се подобрат условите. Засега, нема конкретни најави кога тој ќе се пушти во употреба ниту рокови кога ќе се изградат нови градинки.
Она што се ветува и планира е изградба на нов објект на една од градинките во Лисиче за што е потпишан договор со Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и изградба на прва градинка во Долно Лисиче.
Повеќе од 5.700 деца на „листа на чекање“ во цела држава
Дека ќе се реши проблемот со изградбата на планираните градинки во Аеродром, велат и од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
На прашање околу моменталната пренатрупаност, оттаму посочуваат дека законски постои опција во градинките да има поголем број деца од запишаното.
А полна е и листата на чекање во дел од општините. Според податоците со кои располага ова Министерство заклучно со месец април 2026, во градинките низ цела држава запишани се 38.797 деца. Тоа е околу две илјади повеќе од капацитетот што го имаат 80-те градинки низ цела Македонија, кој изнесува 36.752. На листа на чекање, пак, заклучно со април се наоѓаат 5.743 дечиња.
„Согласно прегледот на листата на чекање за упис на деца во градинка најголема потреба од отворање на нови капацитети има во скопските општини и тоа во: Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Гази Баба, Бутел и Сарај. Во моментот, во наведените општини се градат/доградуваат објекти и тоа: два објекти во Кисела Вода, два објекти во Ѓорче Петров, три објекти во Гази Баба, два објекти во Бутел и три објекти во Карпош. Со отворањето на овие објекти, листи на чекање за упис во детските градинки нема да има во скопските општини“, велат од Министерството.
До крајот на годинава, посочуваат оттаму, треба да се отворат 15 градинки во кои ќе се сместат околу 1.800 деца.
Плановите до крајот на 2027 се да има 37 нови градинки што би значело прием на околу 3.800 нови деца.
Од Министерството ги потсетуваат општините и оти во текот на целата година имаат отворен повик во кој може да аплицираат со проекти за изградба, доградба и адаптација на простори со цел да бидат пренаменети за други цели.


