Двете смртоносни железнички несреќи во Шпанија оваа година ги одвраќаат патниците од втората по големина мрежа на брзи пруги во светот, што претставува загриженост за земја која во голема мера се потпира на туризмот и деловните патувања, изјавија експерти и бизнис-групи за агенцијата Ројтерс.
Сударот од 28 октомври, во кој загинаа 69 лица, ја затвори брзата пруга Мадрид-Андалузија по втор пат во рок од девет месеци, принудувајќи ги нејзините близу 19.000 дневни патници да бараат алтернативи. Пругата останува затворена.
Според податоците на регулаторното тело за конкуренција CNMC, бројот на патници на долголиниските брзи железници паднал за 15% во периодот јануари-јуни на 18,7 милиони, по јануарскиот судар на брз воз во близина на селото Адамуз во јужна Шпанија во кој загинаа 46 лица, при што повеќето патници се префрлија на изнајмени автомобили и домашни летови.
Врз основа на пресметките на Ројтерс, тоа било речиси шест пати поголемо влијание отколку што вообичаено би се очекувало од 30-дневно затворање на пругата.
Влијанието од најновата несреќа сè уште треба да се види, но веројатно ќе биде потешко, велат експертите, бидејќи стравуваат од понатамошна ерозија на довербата во Шпанија, втората најпосетувана земја во светот по Франција, како безбедна туристичка дестинација.
„Сите несреќи се сериозни, но кога имате две во рок од само девет месеци… имате силно влијание врз репутацијата“, вели Хуан Педро Азнар, истражувач на деловната школа Есаде, додавајќи дека враќањето на довербата ќе бара техничките поправки да се стават како политички приоритет.
Карлос Гаридо, шеф на туристичката индустриска групација „Меса дел Турисмо“, ги повика властите да претстават сеопфатен план за инфраструктура и одржување.
Канадската туристка Изобел Хамилтон (50) изјави дека најновата несреќа ги натерала неа и нејзиниот сопруг да ги сè променат плановите и да патуваат надвор од Мадрид со автобус.
„Чувствувавме непријатност да патуваме со воз. Дури и ако сè беше поправено и функционираше нормално, веројатно сепак ќе се одлучев да патувам со автобус“, рече таа.
Оваа недела, националната влада одобри уредба со мерки за зајакнување на безбедноста на железницата и социјалната заштита на машиновозачите и персоналот во контролните простории. Главниот синдикат на машиновозачи ги опиша мерките како прв вистински чекор кон подобрување на безбедноста.
Иако повеќето меѓународни туристи пристигнуваат со авион, мрежата на брзи пруги одигра клучна поддржувачка улога во развојот на главните туристички и деловни дестинации ширум Шпанија во изминатите неколку децении.
Стопанската комора во главниот град на Андалузија, Севиља, проценува дека дополнителните авионски, автобуски и автомобилски услуги покриваат само 60% од сопрениот железнички сообраќај, при што дневните загуби за регионот достигнуваат речиси 1,5 милиони евра (1,7 милиони долари).
Од друга страна пак, резервациите на авионски карти пораснаа за дури 61% во ноември, според извор од индустријата.
Нарушувањата, исто така, предизвикаа пораст на побарувачката за заедничко користење превоз (карпулинг), при што неофицијалните податоци покажуваат дека клиентите исто така ги фаворизираат изнајмените автомобили и автобусите пред побавните возови кои сè уште сообраќаат на јужната рута.


