ПИСА како тест за образованието: Каде се губи знаењето?

Објавено:

Многу сум разочарана од тоа колку малку знаат и колку малку разбираат додека учат, признава мајка на двајца основци, за која лошите резултати на ПИСА (Програма за меѓународно оценување на учениците) се потврда на тоа што таа секојдневно го забележува кај нејзините деца. За Колегиум.мк вели дека слабите резултати на тестовите, уште еднаш ги извадија на површина „дупките“ во македонското образование и фактот дека имаме „функционално неписмени“ генерации.

„Имам две деца, поголемото ми е седмо одделение, а помалото четврто. Моите деца имаат потешкотии со читање. Поголемото дете има 12 години и заглавува на подолги зборови, не може течно да го прочита, а не разбира и многу зборови во лекциите. За да разбере, морам јас да седнам со него да му објаснам, па да му раскажам за да го научи, вели скопјанката Зорица П.

Уште еден недостаток на кој укажува таа, е тоа што кога децата биле во целодневна настава постојано биле охрабрувани од наставниците дека учениците учат и се одлични, па затоа и како родител не поминувала многу внимание со нив. Преминот во шестто одделение ги извадил на површина сите пропусти и празнини во знаењата на децата.

„Како родител на седмооделенец, констатирав дека материјалот кој треба да го изучат, пред се треба да им се објасни и презентира на интерактивен начин и да се воведуваат учениците во работни дискусии и тимски активности додека се на училиште. Материјата е тешка за да се научи, посебно во услови кога нема доволно ресурси за квалитетна настава и учење. Училиштата немаат услови за да развијат квалитетен систем на учење, а често и кадарот не е соодветен“, е ставот на Миле С., татко на седмоодделенец.

Резултатите од најновото ПИСА тестирање покажаа дека учениците од Северна Македонија и понатаму постигнуваат резултати под просекот на земјите од ОЕЦД (Организација за економска соработка). Во ПИСА 2025, македонските 15-годишници освоиле просечно 380 поени по математика, 357 поени по читање и 378 поени по природни науки, наспроти просечните 463, 461 и 482 поени во земјите од ОЕЦД.

Тестирањето се спроведува на секои три години. Во споредба со претходното, ПИСА 2022, резултатот по математика е намален за 9 поени, додека кај читањето и природните науки, падот од еден поен не се смета за статистички значајно.

ПИСА 2025 истовремено покажува дека околу 64 отсто од учениците во Северна Македонија се меѓу слабите постигнувачи во природни науки, додека кај математиката просекот на слабите постигнувачи е исто така значително над просекот на ОЕЦД.

Сања П. од Битола е мајка на средношколка. Таа е уверена дека лошите резултати на ПИСА се последица на децениските експерименти со образованието во Македонија, но и како што вели, на лоши и несоодветни програми за возраста, на нестручен и партизиран кадар, на постојаното „фали учебник“ и на општоприфатениот став дека е залудно да се учи, оти вработувањето секако не зависи од  петките и од знаењето.

„Дел од одговорноста е и кај незаинтересирани родители за образованието на децата, кај деца на кои се им е дозволено, па дури и да прават булинг. Со сите овие фактори заедно, добивме училишта кои ниту имаат образовна, ниту воспитна функција, ученици кои во 6 одделение не знаат да читаат и ученици кои читаат, ама ништо не разбираат. И тоа е поразително за целото општество“, вели Сања.

Алексиќ: ПИСА го тестира целиот образовен систем

Зошто учениците не разбираат што учат како што покажаа ПИСА тестовите, ја прашавме и професорката по македонски јазик и литература, Татјана Алексиќ, од СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“. Таа вели дека постои расчекор меѓу принципите за интерпретација на наставните содржини.

„Ќе речете, математика е секаде иста математика, но начинот на кој се поставуваат прашањата се базираат на пракса, на употребна вредност на наученото и логичко размислување. За да можеме да реагираме, после 25 години стоење во место со резултатите, треба да ги имаме тестовите на увид, за видиме каде грешат децата. Кога правиме поправка на писмената работа (тестовите) им укажуваме каде грешат за да се поправат. Ученикот (родителот) треба да знаат зошто таква оценка“, изјави Алексиќ за Колегиум.мк

Друга работа на која укажува професорката, е тоа што учениците тука се „дресирани“ да учат за оценка, па следствено на тоа штом е тестот анонимен и не е за оценка, тие помалку се вложуваат и не се ангажираат.

„Трета и пресудна работа е што сѐ помалку се учи и чита со разбирање. Сѐ помалку се користат книги и учебниците. Учениците бараат готови, сервирани електронски одговори. Достапна информација не е знаење. Прочитана книга без употребна вредност е само прочитана книга. Ако се чита со разбирање, со подвлекување, со вадење забелешки, мудри мисли, цитати, имаш интеракција со прочитаното и ќе знаеш да го користиш“, вели професорката Алексиќ.

Таа додава дека компјутерската технологија ги учи децата да добиваат готови информации со еден клик, поради што немаат веќе ниту  трпение, ниту концентрација за темелно учење со разбирање.

„ПИСА се тестови за снаодливост, а не за научни знаења“, констатира Алексиќ.

МОН очекува реформите да дадат ефект за неколку години

Во врска со тоа што планираат да направат надлежните за да се поправи оваа слика, од Министерството за образование и наука (МОН) велат дека во 2024 година започнале покрупни промени во образовниот систем во Македонија со цел да се подобри квалитетот на наставата и да се остварат подобри резултати од страна на учениците. Овие промени треба да го дадат очекуваниот ефект за неколку години, односно барем една генерација да се образува по системот кој сега се поставува.

„На неколку компоненти се посветува подеднакво внимание – инфраструктура, досега вложени 70 милиони евра во 90 проекти за нови училишта, сали, домови, реконструкции на постојни објекти и слично. Во тек е етапна изработка на нови наставни програми и учебници кои во минатото ги немаше. Се води грижа за мотивацијата на наставниот кадар – досега платите се зголемени за над 20% и со договор е обезбеден стабилен раст согласно стапката на инфлација и во годините што следат, а овозможен е и кариерен и професионален развој на наставниците и стручните соработници со тоа што имаат можност за напредуваат во звања – советник и ментор, како и организирање на редовни обуки од интерес за поквалитетна настава и примена на современи методи. Дополнително, актуелната Влада се заложува за едносменска настава, продолжен престој и за оптимизација на училишната мрежа преку која училиштата со мал број ученици се соединуваат со оние со поголем број, заради поголема социјализација, натпревар на децата и поквалитетни услови за следење на наставата. Воведуваме советници за професионална ориентација во основните и средните училишта. Од исклучителна важност е да има и поголема вклученост на родителите во воспитно – образовниот процес и соработка со наставниот кадар“, велат од МОН за Колегиум.мк

Оттаму потсетуваат на неодамна усвоената Стратегија за образование 2026 – 2032 во која се содржани овие цели и активности за нивна реализација.

Македонското образование во изминатите две децении помина низ низа реформи, промени на наставните програми и различни концепти на настава. Во 2007 година беше воведено деветгодишното основно образование, а во 2021 година новата Концепција за основно образование донесе дополнителни промени, со акцент на критичкото размислување, меѓупредметното поврзување и практичната примена на знаењето. Реформите, сепак, беа проследени со реакции и дилеми околу наставните програми, учебниците и условите за нивна реализација.

Словенија ја укина деветолетката, Србија ги преиспитува стандардите

По генерално слабите резултати на ПИСА, повеќето земји од Западен Балкан веќе најавија реформи во образованието.

Најодлучен чекор во таа насока прави Словенија. Таму е најавено укинување на деветтолетката и враќање на 8-годишниот модел на основно образование, додека првата година ќе стане задолжително предучилишно воспитание. Исто така надлежните планираат воведување дигитална и финансиска писменост и намалување на бирократијата за наставниците.

Србија има релативно стабилни ПИСА резултати во последната деценија, иако сè уште е под просекот на ОЕЦД. Таму е најавена ревизија на стандардите. Се планираат промени во националните наставни програми со цел поголема застапеност на логички задачи од реален контекст. Стручни тела апелираат за реформа на методологијата на предавање и подобрување на условите за работа во училиштата.

Иако Хрватска покажа благо подобрување или стабилност во математика и природни науки, загрижува падот во читачката писменост, па затоа веднаш е започнато формирање на посебно тело/комисија за анализа на слабостите во читачката и дигиталната писменост. Се планира воведување целодневна школа со фокус на критичко размислување наместо суви дигитални алатки.

Националната мрежа за деца во Бугарија веднаш побара национален план за квалитетно образование. Меѓу мерките предложени од организацијата се раната и систематска поддршка за развојот на јазичните вештини, читањето и математиката уште од градинка и основно училиште, како и промени во наставата и оценувањето насочени кон развивање на разбирањето, критичкото размислување, решавањето проблеми, способноста за работа со информации и практичната примена на знаењето.

Резултатите во Албанија се многу подобри во споредба со ПИСА 2022. Особено е интересно што Албанија во 2026 година започнала постепено воведување на нов курикулум, откако резултатите на ПИСА 2022 покажале сериозен пад на резултатите. Албанското министерство за образование уште во 2025 година објави дека има план на мерки насочени кон подобрување на перформансите на учениците, а резултатите подоцна покажеле дека има ефект.

Последни објави