Жените кои наполниле 62 години и мажите со полни 64 години, со најмалку 13 години работен стаж, ќе можат да го откупат стажот што им недостига до законскиот минимум од 15 години за стекнување право на старосна пензија. Максималниот период за откуп ќе биде 24 месеци, одговори Владата на прашањата на Колегиум.мк.
Мерката се однесува на граѓани кои веќе не се осигуреници и ја достигнале законската возраст за пензионирање, но немаат доволно стаж за да го исполнат условот за старосна пензија.
Според објаснувањето од Владата, придонесите за откупот ќе се пресметуваат врз основица од 50 отсто од просечната плата во претходната година. Конечниот износ што ќе треба да го платат граѓаните ќе зависи од бројот на месеци стаж што им недостигаат до исполнување на условот.
Од Владата тврдат дека ресорниот министер за социјална политика, демографија и млади веќе ја информирал јавноста за основните параметри на предлог-законското решение, отфрлајќи ги тврдењата дека јавноста не била информирана за мерката. Ваквата најава заменик министер Ѓоко Велковски ја даде во изјава за ТВ Сител, при што објасни дека откупот би чинел околу 100 евра месечно, односно најмногу околу 2.500 евра за две години.
Законското решение во моментов е во владина процедура, а се работи и на усогласување на неговите параметри. Оттаму велат дека по финализирањето ќе бидат познати и прецизните податоци за бројот на потенцијални корисници, како и другите детали за примената.
По донесувањето на законските измени, Владата најавува дека јавноста дополнително ќе биде информирана за начинот и роковите за нивна примена.


