Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) остро реагира по се погласните јавни дискусии за можноста за зголемување на пензискиот стаж и евентуалното пензионирање на 72 години. Според нив, ваквите предлози се „несериозни“ и повторно се носат на штета на работниците, без да се решаваат суштинските проблеми во пензискиот систем.
Ваквите реакции доаѓаат по веста дека Меѓународниот Монетарен Фонд (ММФ) и Светската банка подготвуваат нови анализи на пензискиот систем, по што Владата ќе одлучува дали се потребни дополнителни реформи. Иако министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека не станува збор за задолжително зголемување на старосната граница за пензионирање, туку за избор, реакциите во јавноста не стивнуваат стравувајќи од можноста наскоро на мала врата да се протне зголемување на старосната граница. Дополнително ова прашање се наметна во јавноста и поради се поголемите финансиските притисоци врз пензискиот систем и растечките трошоци за исплата на пензии.
Од синдикатот предупредуваат дека наместо работа до 72 години, државата треба да размислува за предвремено пензионирање, бенефициран стаж и мерки што ќе обезбедат одржлив пензиски систем за идните генерации пензионери.
„И во минатото сме биле сведоци на вакви несериозни предлози и тоа од луѓе кои не се работници, а на штета на работниците. Напоменуваме дека ваквите избрзани мерки преку зголемување на стапката на придонеси или продолжување на возраста за пензионирање, само заради покривање на дефицитот во Пензискиот фонд, на долг рок не даваат резултати. Напротив, структурните проблеми остануваат нерешени и повторно се појавуваат“, велат од ССМ.
ССМ бара политики за отворање одржливи работни места преку домашни и странски инвестиции, како и зголемување на платите за стабилен прилив во фондот.Синдикатот предупредува дека без пристојна работа и почитување на трудовите права младите ќе продолжат да ја напуштаат државата.
Според „Статистичкиот годишник на РСМ 2025“, очекуваниот животен век е 76,63 години.
„Па дали тоа е идејата – наместо пензија, работа до крајот на животниот век?“, прашуваат од ССМ.

Владата, како што се посочува, разгледува флексибилен модел што би им овозможил на оние што сакаат и може да работат, да го прават тоа и по исполнувањето на условите за пензија. Во тој контекст синдикалците нудат и предлог решенија.
ССМ предлага промена на условите за пензија
Во соопштението на ССМ се наведени неколку предлози односно повеќе услови за пензионирање од кои едниот е 40 години стаж за мажи и 35 години за жени, потоа предвремено пензионирање, бенефициран стаж за градежни и други тешки дејности и докуп на стаж како дополнителна можност. Дополнително ССМ алармира дека државата годишно губи околу 250 милиони евра поради непријавена работа. Тие бараат целосна трансформација на сивата економија и засилен инспекциски надзор за наплата на придонесите.
Во системот се евидентирани 556.294 осигуреници и 343.048 пензионери. Соодносот е 1 пензионер на 1,63 осигуреници. Овој сооднос е понеповолен во споредба со 2023 година, кога изнесувал 1 пензионер на 1,70 осигуреници, што укажува на дополнително оптоварување на пензискиот систем.


