Декларативно против корупцијата, Стратегијата заглави во Собрание

Објавено:

Додека функционерите во своите јавни говори редовно ја истакнуваат „робусната борба“ против корупцијата, државата речиси една година нема усвоен документ што на институциите им наметнува конкретни рокови, надзор и отчетност во борбата против корупцијата на терен. Ваквиот контраст меѓу јавните антикорупциски ветувања на функционерите и реалната институционална блокада во законодавниот дом повторно дојде во фокусот на јавноста откако Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата алармираше дека државата речиси една година функционира без национален стратешки документ. На претходниот документ рокот на употреба му „истекол “ лани затоа што Стратегијата се однесувала на мерки и активности за периодот 2021–2025 година.

Платформата упати итен повик до Собранието без понатамошно одложување да ја разгледа и усвои Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026–2030, заедно со Акциониот план.

„Откако значителен дел од 2026 година е веќе изгубен, државата не смее да дозволи понатамошното одложување да ја доведе во ризик и 2027 година. Секое дополнително пролонгирање го зголемува ризикот од доцнење во спроведувањето на мерките и неисполнување на предвидените стратешки цели. Оваа состојба е особено загрижувачка во момент кога меѓународните партнери, а пред сѐ Европската Унија, во своите извештаи нотираат отсуство на напредок во борбата против корупцијата“, се вели во реакцијата на Платформата.

Од Платформата потсетуваат дека Антикорупционерите ја изработиле Стратегијата и таа е доставена до Собранието. Таа веќе ги поминала комисиските филтри како Законодавно-правната комисија и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. Тогаш во Собранието се сретнаа претседателот на Антикорупциската комисија, Адем Чучуљ, и претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши, и двајцата изразија очекувања дека стратешкиот документ во најбрз можен рок ќе се најде на пленарна седница и ќе биде усвоен.

„Се надеваме на имплементација која зависи од сите фактори во државата“, изјави Гаши по средбата со Чучуљ на 19 јуни.

Но, по пет месеци откако Стратегијата е во пратенички раце, сè уште не е разгледана на пленарна седница.

Според јавно достапните информации на веб-страницата на Собранието, таа е утврдена како точка на дневен ред за 111та пленарна седница со статус „неразгледана“ и сè уште не е поставена на собранискиот календар за ноември.

Платформата го повикува Собранието без понатамошно одложување да ја разгледа на пленарна седница и да ја усвои Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030, заедно со Акциониот план.

Иако во јавноста и на политичката сцена редовно се испраќаат пораки за посветеност на владеењето на правото и борбата против корупцијата како врвен приоритет, од граѓанскиот сектор предупредуваат дека токму во Собранието се кочи почетокот на суштинската имплементација. Последно такво соопштение беше објавено на веб страницата на Владата веднаш откако пратениците во комисијата ја усвоија Стратегијата.

„Испраќам јасна порака. Никој не е над народот, законот и Уставот. Ќе има одговорност за криминалот кој ја уништува нашата заедничка иднина. Таа одговорност мора да биде со име и презиме, без оглед на позадината на лицето“, нагласи премиерот, Христијан Мицкоски на 29.06.2026 година.

Што сè најави Владата на антикорупциски план?

Од формирањето на актуелниот владин состав, борбата против корупцијата и криминалот беше поставена како еден од главните столбови на владината програма, придружена со низа најави за системски реформи. Меѓу клучните мерки што ги промовираше извршната власт се целосна дигитализација на јавните услуги, како и заострување на казнената политика и нов Кривичен законик.

Покрај парцијалните измени на Кривичниот законик со кои беа зголемени казните за злоупотреба на службената положба, извршната власт најави и носење целосно нов Кривичен законик и Закон за кривична постапка, како дел од обврските преземени со Реформската агенда. Беа најавени и поголема транспарентност во јавните набавки и трошењето буџетски пари.

Како една од мерките за превенција беа најавени построги контроли при спроведувањето на тендерите, јавно објавување на трошоците на функционерите и зајакнување на механизмите за внатрешна ревизија во државните институции.

Но, наместо најавата на Владата за построги контроли во тендерите, во пракса пратениците донесоа закон со кој се зголеми на сумата пари што може да ги потрошат институциите за градежни работи без да распишат тендер од 5.000 на 10.000 евра. Пратениците од владејачкото мнозинство на пленарна седница на 13 ноември повторно ги донесоа измените на Законот за јавни набавки, откако претходно вето стави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Практичната цел на Стратегијата и Акциониот план кои се заглавени во собраниските „фиоки“ е да ги обврзат институциите општите ветувања да ги преточат во мерливи задачи со конкретни рокови и отчетност, особено во чувствителните области со висок ризик од корупција и судир на интереси, како што се јавните набавки, надзорот над спроведувањето на законите и управувањето со природните ресурси.

Наместо политички пароли, овој документ треба да воспостави превентивна и координативна рамка во наредните пет години што ќе обврзе институциите на конкретни чекори и исполнување на обврски со цел практична борба против корупцијата. Без нејзино усвојување во Собранието, дел од институционалните активности и планови за превенција немаат официјална стратешка рамка и рокови за спроведување. Стратегијата се фокусира на области каде што ризикот од корупција и судир на интереси е највисок, како што се јавните набавки, надзорот над спроведувањето на законите и управувањето со природните ресурси.

Извештај на ЕУ: Корупцијата останува широко распространета

Дополнително усвојувањето и спроведувањето на стратегијата е еден од опипливите показатели со кои се мери институционалната посветеност во извештаите на Европската Унија и меѓународните партнери за владеење на правото и борбата против корупцијата.

Бидејќи годината е при крај, одложувањето директно ја загрозува реализацијата на мерките предвидени за 2026 година, а навременото спроведување на голем дел од нив веќе се оценува како практично невозможно поради потребното време за планирање, координација и обезбедување ресурси.

„Особено загрижувачка во момент кога меѓународните партнери, а пред сѐ Европската Унија, во своите извештаи нотираат отсуство на напредок во борбата против корупцијата. Дополнителното одложување претставува сериозен сигнал за недоволната институционална посветеност“, порачуваат од Платформата.

Последниот извештај на Европската Комисија за напредокот на земјава констатира дека борбата против корупцијата останува сериозен предизвик, дека корупцијата сè уште е широко распространета и дека не е постигнат напредок во текот на извештајниот период

„Корупцијата останува широко распространета и претставува сериозна причина за загриженост. Измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година, кои се однесуваат на кривичните дела „злоупотреба на службената положба“ и „злосторничко здружување“ не ги решаваат соодветно негативните последици од измените од 2023 година и придонесоа за правна несигурност“, пишува во забелешките.

Со измените на Кривичниот законик во септември 2023 се намалија казните на споменатите кривични дела што доведе до застарување на десетици случаи каде поранешни функционери се гонеа за злоупотреби. За да се „поправи“ штетата, новото владејачко мнозинство кое се формираше по изборите во 2024, направи нови измени на законот кои ги опфатија злоупотребата на службената положба и злосторничкото здружување – ги заострија казните, но не ги вратија на нивото од пред контроверзните измени во септември 2023 година.

Во однос на актуелните судски процеси поврзани со корупцијата во најновиот извештај се очекува и забелешка дека и натаму има одложувања и застарувања. Комисијата да посочи оти не биле земени предвид некои од препораките од минатата година, па затоа истите остануваат и за во иднина.

Меѓу нив се да се донесат нови Кривичен законик и Закон за кривична постапка, што инаку е обврска и од реформската агенда. Исто така, се очекува земјава да ги подобри резултати во постапувањето со предметите за висока корупција и да обезбеди доволно човечки и финансиски ресурси за Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Како конкретен пример за слабости поврзани со корупцијата, извештајот укажува на слаба транспарентност во чувствителни области како што е набавката на учебници за основно и средно образование.

Иако во годишниот извештај за напредокот се нотира одреден позитивен исчекор во сегменти како што се надворешната и безбедносната политика и дел од реформската агенда, справувањето со корупцијата останува меѓу најслабите точки со констатирано отсуство на напредок. Во ваков контекст, фактот што државата речиси една година нема усвоено нова национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, заедно со придружниот акционен план, го прави недостигот од конкретна институционална акција уште поостар – особено додека политичарите декларативно зборуваат за приоритети, а документот за периодот 2026–2030 сè уште чека да стигне до пленарно гласање во Собранието.