Извештај на ЕК: Нема напредок за уставни измени, широко распространета корупција

Објавено:

Нема напредок во усвојувањето на уставните измени како што налагаат заклучоците на Советот на Европа од 2022 година. Билатералните договори со соседните земји треба да се спроведуваат добронамерно од сите страни – Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Независноста на правосудството останува нарушена. Корупцијата останува широко распространета.

Ова се дел од клучните наоди во нацрт-извештајот на Европската комисија за Северна Македонија, во кој Колегиум.мк имаше увид, а чија финална верзија треба да биде објавена во текот на денот.

Изборни дезинформации и странско манипулирање

Една од забелешките, според нацрт-документот, е дека постои правна и институционална рамка за демократско спроведување избори, но оти не е постигнат напредок за усогласување со европските стандарди ниту за спроведување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

Нагласено е и странското влијание.

„Изборните дезинформации и странски манипулации со информациите остануваат недоволно адресирани“, се посочува во нацртот.

Во однос на изборите, се нагласува и тоа дека државата треба да се усогласи, меѓу другото и со стандардите на ЕУ за транспарентноста и таргетирањето на политичкото рекламирање.

Широко распространета корупција, нарушена независност на судството

Кога е во прашање борбата против корупцијата, оценката е оти Северна Македонија се наоѓа помеѓу одредено и умерено ниво на подготвеност и дека не е постигнат напредок во превенцијата и борбата против корупцијата.

„Корупцијата останува широко распространета и претставува сериозна причина за загриженост. Измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година, кои се однесуваат на кривичните дела „злоупотреба на службената положба“ и „злосторничко здружување“ не ги решаваат соодветно негативните последици од измените од 2023 година и придонесоа за правна несигурност“, пишува во забелешките.

Со измените на Кривичниот законик во септември 2023 се намалија казните на споменатите кривични дела што доведе до застарување на десетици случаи каде поранешни функционери се гонеа за злоупотреби. За да се „поправи“ штетата, новото владејачко мнозинство кое се формираше по изборите во 2024, направи нови измени на законот кои ги опфатија злоупотребата на службената положба и злосторничкото здружување – ги заострија казните, но не ги вратија на нивото од пред контроверзните измени во септември 2023 година.

Во однос на актуелните судски процеси поврзани со корупцијата во најновиот извештај се очекува и забелешка дека и натаму има одложувања и застарувања.

Исто така, според документот во кој имавме увид, се очекува Комисијата да посочи оти не биле земени предвид некои од препораките од минатата година, па затоа истите остануваат и за во иднина.

Меѓу нив се да се донесат нови Кривичен законик и Закон за кривична постапка, што инаку е обврска и од реформската агенда. Исто така, се очекува земјава да ги подобри резултати во постапувањето со предметите за висока корупција и да обезбеди доволно човечки и финансиски ресурси за Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Ова обвинителство мината недела доби нова шефица, Искра Хаџи Василева, која порача дека тие како обвинители треба да бидат отпорни на притисоци.

Токму мешањето во правосудството се споменува и во извештајот.

„Севкупната независност и финансиската автономија на правосудството се нарушени поради постојаното мешање од страна на другите гранки на власта, како и поради драстичниот недостиг на финансиски и човечки ресурси“, пишува во нацрт – извештајот.

Тоа што се очекува од земјава е да ја забрза имплементацијата на Стратегијата за реформа во правосудството, да ги спроведе новите закони за Судскиот и Советот на јавни обвинители, да ги пополнува испразнетите места во судовите итн.

Уште една област каде, според нацртот, не се констатира напредок е во слободата на изразување и слободата на медиумите.

Усогласеност со ЕУ за руската агресија врз Украина

Кога е во прашање надворешната политика, и со овој извештај се очекува Европската Комисија да констатира дека Северна Македонија е целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.

Вклучително тука е и поставеноста на државата во однос на руската агресија против Украина со што се испраќа сигнал за стратешкиот избор што е направен – пристапување во ЕУ, како и сигнал дека земјава е доверлив партнер.

Годишните извештаи за земјите кандидатки се дел од пакетот за проширување на ЕК што треба да бидат објавени во текот на денот. На оваа тема, прес – конференција попладнево ќе имаат потпретседателката на Комисијата и високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас и еврокомесарката за проширување, Марта Кос.