Обвинителката Ленче Ристоска, која беше предметен обвинител во случајот „Талир 2“, за кој надлежноста и беше одземена речиси пред самиот крај на судскиот процес, реагира дека според образложението на ослободителната пресуда во предметот „Талир 2“ кое го објави Апелација, ослободителната пресуда за Никола Груееки не е донесена поради недостиг на докази, туку поради толкување на судот кое не наоѓа правна поткрепа во законите.
На 26 август Апелацискиот суд во Скопје соопшти дека ја потврдил ослободителната пресуда во случајот „Талир 2“, во кој Груевски се гонеше за пречекорување на службени овластувања и противправно финансирање на изградбата седиштето на партијата Палатата „Христо Татарчев“, во јавноста позната и како „Белата палата.
Според Ристоска, доколку аргументацијата на Апелацискиот суд се прифати како правен стандард, „би се довеле до апсурдна состојба на легализирање на политичката корупција, па така секоја компанија што ќе добива државни тендери потоа дел од профитот ќе го пренесе во политичките партии прикажувајќи го како донација и сето ова нема да биде казниво бидејќи ќе постои судска пракса која ова го дозволува. Ова сериозно ја нарушува суштината на законот и го прави целосно неупотреблив за најчувствителната точка која што треба да ја адресира, а тоа е финансирање на политички партии од претпријатија кои добиваат буџетски средства“.
Таа објаснува дека „Талир 2“ е случај за тоа како политичката партија ВМРО-ДПМНЕ со цел да добие партиско седиште и финансиски средства, на градежната компанија „Бетон“ ѝ пренесува градежно неизградено земјиште од околу 800 м2 и за возврат добива изградба на партиското седиште и исплаќање на паричен износ, сето во вредност од околу 9 милиони евра (над 10.000 евра за метар квадратен неизградено земјиште во 2013 година), во период кога ВМРО – ДПМНЕ е на власт, а градежната компанија интензивно добива тендери од државата.
Според Ристоска, во тоа време парите кои „Бетон“ ги добива од државата претставуваат 75 проценти од вкупните приходи кои градежната компанија ги остварува на годишно ниво. Компанија во која над 75 отсто од вкупниот приход доаѓа од државата не е слободен донатор.
„Нејзиното работење зависи од државата, а токму ваквиот однос Законот за финансирање на политичките партии го препознава како пречка за политичко финансирање. Согласно Законот за финансирање на политички партии политичките партии не можат да се финансираат од приватни претпријатија кои во моментот на давање прилог за политичката партија вршат јавни услуги за државни органи или за јавни установи, претпријатија и фондови по пат на договор, со тоа што како донација се сметаат и стоките и услугите кои приватните компании ги даваат на политичките партии, а кои ја надминуваат пазарната вредност. Во конкретниот случај со вештачење е утврдено дека градежното неизградено земјиште сопственост на ВМРО – ДПМНЕ во 2013 година имало вредност од околу 800.000 евра, така што десеткратно е надмината неговата пазарна вредност, па ваквиот износ, во смисла на Законот има третман на донација“, пишува Ристоска.
Таа објаснува дека тоа што Апелација го спори е значењето на терминот “јавна услуга“ и како одлучувачки правен критериум конструира дефиниција изразена во една дескриптивна реченица која што има енциклопедиски призвук и за која не е наведена законска поткрепа од македонското законодавство, „преку јавната услуга државата обезбедува услуги во здравството, образованието, комуналиите, поштата, телекомуникациите, транспортот, полицијата и противпожарната заштита и се сметаат за јавни услуги бидејќи се обезбедуваат заради одржување на добросостојбата на секој граѓанин и помагаат во развојот на општеството во целина.“ Според неа, ова е многу паушално објаснување за вака значајно и сериозно прашање, со долгорочни последици по однос на политичката и високата корупција и злоупотребата на буџетски пари.
„Со толкувањето на Апелациониот суд се занемарува околноста дека членот 20 од Законот за финансирање на политички партии не бара услугата да е „јавна услуга“ во било каква апстрактна смисла. Тој бара услугата да се врши за државен орган по пат на договор. Придавката „јавна“ во контекст на таа реченица ја означува сферата во која делува корисникот на услугата, не природата на дејноста што се обезбедува со услугата. И останатите алинеи од член 20 кои го ограничуваат финансирањето на политичките партии — забраната за финансирање од странски субјекти, од анонимни извори, од претпријатија со доминантен странски капитал, од државни претпријатија — сите тргнуваат од тоа од каде доаѓаат парите. Затоа и интерпретацијата на алинејата која се однесува на овој конкретен случај мора да ја следи истата логика и да го почитува редот во кој законодавецот ја поставил. Оттука, спорен е ставот на Апелациониот суд дека изградбата на градби и објекти во сопственост на државата не претставува вршење на јавна услуга. Дури и да се водиме од ад хок дефиницијата на Апелација, во најмала рака е дискутабилно како тоа градење на објекти, патишта, мостови, брани, стадиони, градинки и училишта, сите дел од портфолиото на „Бетон“, не придонесуваат за одржување на добросостојбата на секој граѓанин и не помагаат во развојот на општеството во целина.
Предметот „Талир2“ го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство, а по неговото згаснување го презеде Основното јавно обвинителство Скопје. Ослободителната пресуда беше донесена на 14 јули. Обвинителството се жалеше до Апелација, но второстепениот суд ја оценил жалбата како неоснована.
Судскиот процес започна во август 2019 година. Предметот еднаш стигна до осудителна пресуда. Имено, Кривичниот суд на 7 јуни 2022, објави првостепена пресуда според која Груевски доби шест години затвор, а Божиновски условна казна. Според тогашната пресуда, требаше да биде конфискуван имотот на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и седиштето на партијата и уште околу 30 други имоти.
Апелацискиот суд Скопје во јануари 2024 година поради измените на Кривичниот законик ја укина првостепената пресуда за случајот „Талир 2“ и предметот го врати на повторно судење пред првостепениот суд. Застареност настапи за делото „злоупотреба на службената положба“ на Божиновски, додека гонењето продолжи за експремиерот Никола Груевски и партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа траеше до јули годинава, кога во повторената постапка Кривичен донесе ослободителна пресуда, која сега ја потврди и Апелација.
Како обвинителка вво СЈО, предметот го застапуваше Ленче Ристоска.
Кога згасна СЈО, а обвинителите оттаму се вратија во своите матични обвинителства, Ристоска со овластувања од републичкото обвинителство остана надлежна за предметот.
Таа беше обвинител во Канцеларијата за врски со Европравда, но имаше овластувања сè додека новиот републички обвинител Ненад Савески не одлучи да ги повлече овластувањата за вакви предмети – каде обвинители од други обвинителства се надлежни за одредени предмети во други обвинителства. Савески, пак, го негираше ваквиот чекор конкретно за овој предмет.
Ова беше и една од причините поради кои Ристоска во април си поднесе оставка. Републикиот обвинител од своја страна тврдеше дека предметот „Талир 2“, сепак, ќе останел кај неа ако не си поднела оставката.


