Од државниот буџет не беше потрошен ниту еден денар за концертите и другите настани организирани по повод 35-годишнината од независноста на Македонија, изјави на 9 септмеври премиерот Христијан Мицкоски. Тој тврди дека сите активности биле финансирани и организирани од „општествено одговорни компании“.
Мицкоски ова го кажа денеска во Штип, одговарајќи на новинарско прашање за тоа колку чинела организацијата на серијата настани во повеќе градови низ земјата.
„Лошата вест е дека буџетот сите овие настани го чинат нула денари. И граѓаните и буџетот сите овие настани ги чинат нула денари“, рече Мицкоски.
Тој ги упати новинарите на платформата „Отворени финансии“ за проверка на неговото тврдење и повтори дека ниту еден буџетски денар не бил потрошен за организацијата.
Но, истражувањето на новинарската мрежа Бирн/Призма покажа дека Владата на 28 април годинава одлучила задачата за прославата да му ја додели на државното акционерско друштво Државна Лотарија. Огласот за низа настани го распишува Државна лотарија, а нејзиниот директор Александар Климовски за Бирн вели дека огласот е спроведен според Законот за спонзорство и донации и затоа го нема на системот за јавни набавки.
Во рамки на прославата настапија повеќе домашни и странски музички имиња. Мицкоски ги наброја настапите на Стив Аоки во Битола, Пол Оукенфолд и Ван Дајк во Струмица, концертите на македонски рок-групи, настапот на Хозе Карерас во Скопје, како и вчерашниот концерт на Дејвид Гета на Градскиот стадион.
Премиерот оцени дека земјата имала „незаборавно лето“ и дека со организацијата на настаните Македонија покажала дека може да организира манифестации од светски формат.
Ваквата реакција на Мицкоски следува откако сопственикот на „Авалон продукција“, Бобан Милошески кој е дел од организацијата на настаните, на новинарско прашање „зошто досега не е објавено во јавноста колку ќе чини настапот на Дејвид Гета како дел 35-годишнината од независноста на Македонија“, одговори со прашањето „Дали ти изгледам како идиот ?“.
Дополнувајќи се во одговорот, Милошески прашањето го оцени како провокација, која според него е непотребна бидејќи, како што додаде, повеќе пати било кажано кога ќе биде објавена финансиската конструкција за овогодишната прослава на Денот на независноста.
Концертот „David Guetta-The Monolith Show“ се одржа на 8 септември на Националната арена „Тодор Проески“, како завршен настан од програмата за 35 години независност. Настанот беше најавен како концерт организиран од Авалон во соработка со Владата. Влезот беше практично бесплатен, односно регистрацијата чинеше симболични 35 денари, а организаторите најавија публика од повеќе од 50.000 луѓе. Досега во јавноста не е објавена ниту сумата за настапот на Гета, ниту вкупниот трошок за караванот на настани.
Опозициската СДСМ тврди дека само настапот на Гета чини најмалку еден милион евра, а целокупната прослава со сцени, озвучување, обезбедување и други трошоци може да достигне до пет милиони евра. Но, ова е проценка на политичката партија, до сега во јавноста не е споделена конкретна бројка за тоа колку вкупно чинел целиот перфоманс.


