„Младинскиот“ во охридски Далјан – симбол на една младост и транзиција

Објавено:

Во срцето на охридската населба Далјан, познат за охриѓани како „Младинскиот“ е одмаралиште кое се претвори во жив споменик на транзицијата. Станува збор за комплекс за летување со приколки, бунгалови и хотел „Магнус“, изграден во 1970-тите како државен проект. Комплексот долго време бил место каде младите од цела Југославија доаѓале да се дружат, учат и одмораат. Но, со распадот на државата и промените што следеа, „Младинскиот“ доживеа пад и заборав.

Хотел Магнус Охрид
Хотел Магнус Охрид, Фотографијата е направена во 2020 година.

Во времето на својата слава, „Младинскиот“ беше преполн со ученици и младински групи кои го користеа како место за летување и организирани кампови. За многумина охриѓани, тој беше симбол на младоста и заедништвото. Ѓорѓи П., пензиониран наставник од Охрид, се сеќава на времињата кога хотелот беше полн со живот и енергија.

Сепак, со распадот на Југославија и транзицијата кон новиот политички и економски систем, започнаа и проблемите. Приватизацијата на „Младинскиот“ беше предмет на долги и сложени правни спорови, бидејќи земјиштето остана државно, а објектот имаше обид за приватизација. Ова создаде правен хаос што трае со децении, оставајќи го објектот запуштен и во руини.

  • Ова е влезот во 2026
Хотел Магнус Охрид
Хотел Магнус Охрид
Хотел Магнус Охрид

Денес, „Младинскиот“ односно хотелот „Магнус“ е слика на пропаѓање, со прозорци без стакло, простории без покрив и бетонски скелет што сведочи за минатото. Локалните жители го гледаат како место на носталгија, но и разочарување. Веќе е ограбено се што можело да се однесе, а околината е обрасната со густа и висока трева и вегетација.

Хотел Магнус Охрид

Станува збор за простор со вкупна површина од околу 18 хектари каде со години се најавува изградба на нов туристички и комплекс.

Во 2016 година, охридската локална самоуправа најави изградба на Конгресен центар на потегот кај крајбрежјето во населбата Далјан. Проектот требаше да го реализира државната компанија „ЕЛЕМ“, која беше задолжена за финансиска конструкција и прибавување на урбанистичко-планската документација. Според најавите, конгресниот центар требаше да биде модерен објект со голема сала за 1.500 до 2.000 седишта и неколку помали сали за сателитски активности, со цел развој на конгресниот туризам во Охрид.

Поранешниот градоначалник Никола Бакрачески во 2016 година кажа дека локацијата кај Даљан е најповолна за изградба на центарот, а почетокот на градежните активности беше планиран за првата половина на 2017 година. Сепак, проектот не се реализираше според планот. Во 2017 година, ЕЛЕМ го поништи тендерот за избор на фирма што требаше да го проектира и ревидира основниот проект, поради променети потреби и финансиски предизвици.

Во меѓувреме раководството на компанијата најави промена на приоритети, односно дека ќе се фокусира на зголемување на домашното производство на електрична енергија, а изградбата на конгресниот центар беше ставена на чекање поради финансиски ограничувања и намалени расположливи средства.

По една помината деценија во јавноста нема информации за овој проект, дали ќе се реализира проектот за конгресен центар во Далјан, што остава отворено прашањето за иднината на оваа инвестиција и влијанието врз развојот на туризмот во Охрид.

Пред три години, во хотелот избувна пожар.

Фотографија: Ненад Димитровски
Дејан Балаловски