„Фото на денот“ – со ваков наслов албанскиот премиер Еди Рама објави фотографија од Битола, каде престојуваше денеска, по повод 22 ноември – Денот на Албанската азбука.
Рама беше во Битола каде заедно со претседателот на Собранието, Африм Гаши и првиот вицепремиер Беким Сали присуствуваа на свеченото означување на почетокот на работите во Музејската куќа на албанската азбука.
Фотографијата што тој ја објави е од музејот.
А, во Битола беше и косовскиот премиер Албин Курти, каде како што објави Гаши се одржа Централната манифестација посветена на Денот на Албанската азбука.
Во овој град, пред 118 години – во 1908 година се одржа конгрес на кој беше усвоена единствената Албанска азбука.

„Во моето обраќање истакнав дека Битолскиот конгрес не само што ни ја даде унифицираната азбука, туку останува и сведоштво за силата на обединувањето околу заедничките вредности и цели. Заедно со честитките, упатив и порака што и денес би ни ја оставиле нашите преродбеници: да ја почитуваме историјата што нè обединува, да го чуваме јазикот што нè идентификува, да ја негуваме културата што нè збогатува и, од генерација на генерација, да ја пренесуваме љубовта кон нашиот народ“, порача Гаши во објава на социјалните мрежи, по настанот во Битола.
Честитки за Денот на албанската азбука упати и остатокот од државниот врв во Македонија, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски.
Претходно, во текот на денот Мицкоски и Рама ги предводеа делегациите на двете држави на свечено одбележување на пуштање во употреба на интегрираниот граничен систем One stop shop (Уан стоп шоп) на граничниот премин „Ќафасан“ на македонско-албанската граница.


