Станови со најмалку 20 проценти попуст за брачни парови до 35 години, како мерка најави вечерва премиерот Христијан Мицкоски од партиски настан, на 35-годишната Конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој вели дека ваквата мерка ќе биде преточена во законско решение, наскоро. Таа, според него ќе важи за цела територија на државата, а инвеститорите нема да може да добијат дозволи за градба ако не одделат минимум 10% од станбената површина за брачни парови до 35 години по цена која ќе биде најмалку 20% пониска од пазарната.
„И ова е моја порака до сите градежни компании, по донесувањето на овој закон нема веќе дозволи за градење, нема веќе бетонизација, туку ќе биде хумано градење и домување, а за младите брачни парови до 35 години, 10% од станбените единици, минимум 20% попуст за секој продаден метар квадратен од пазарната вредност на зградата. И ова ќе биде регулирано со закон“, рече Мицкоски.
Тој најави и законско решение со кое општините нема да наплаќаат комуналии за изградба на куќа за брачни парови до 25 години.
Како трета мерка, зборувајќи пред членовите на УМС на својата партија, Мицкоски посочи дека ќе има студентска картичка која ќе биде составен дел од апликацијата М-услуги.
„Секој студент да добие услуги со најмалку 20 проценти пониски цени не само за топлиот оброк, туку за многу други услуги коишто ќе ги користи, користејќи ја М-услуги апликацијата. Нешто што го немаат ниту студентите во ЕУ, тоа да го имаат студентите овде, во нашата Македонија. И кога ќе заврши буџетот за тој месец, да продолжат со користење на оваа апликација, да имаат дополнителни услуги коишто ќе ги користат со привилегија од крајот на месецот, до почетокот на следниот месец“, рече Мицкоски.
Тој не даде конкретен рок кога мерките за млади ќе бидат преточени во пракса.
Од партискиот настан, тој најави дека неговата партија наскоро ќе почне и кампања „Очи в очи за подобро“ за интензивни посети на општинските комитети за директно да се слушнат најважните прашања од граѓаните.


