Жена на возраст од 67 години од кривопаланечкото село Дрење била претепана поради недоразбирања со кравите. Таа завршила во болница, а случајот го пријавила и во полиција.
„На 21.11.2026 во 09:00 часот во ОВР Крива Паланка, Д.Д.(67) од село Дрење, кривопаланечко пријавила дека во село Дрење била физички нападната од Г.Ѓ. А.Ѓ. и А.Ѓ. поради недоразбирање околу крави кои правеле штети, при што и нанеле тешки телесни повреди констатирани во Здравствен дом Крива Паланка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.
Крива Паланка е во фокусот на јавноста поради неможноста на надлежните институции да се справат со околу илјада крави кои шетаат низ градот, нивните и дворовите во околните села.
Станува збор за крави на едно семејство, за кои има решение да им бидат одземени, но одлуката не се спроведува.
Во полицискиот билтен не пишува повеќе детали – дали лицата што ја претепале жената се оние кои ги поседуваа кравите или не. Но, од она што може да се забележи е дека иницијалите на тројцата пријавени се совпаѓаат со името на таткото и на две од трите ќерки кои беа сопственички на кравите.
Општината и градоначалникот Сашко Митовски од СДСМ изминатиот период бараа помош од централната власт на ВМРО-ДПМНЕ апелирајќи да се прогласи кризна состојба за да се мобилизираат повеќе институции бидејќи Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) не може сама да се справи со крупниот добиток.
Дел од жителите на Крива Паланка излегоа и на протести барајќи решение.
Случувањата во овој град го обиколија и светот – бројни странски медиуми изминативе денови пишуваа за несправувањето со проблемот со кравите.


