Мирен собир на граѓани во знак на проштално оддавање почит на Кристијан Јосип Периш, момчето кое трагично почина во Клиниката за психијатрија „Свети Иван“, се одржа во саботата приквечер на плоштадот Бан Јосип Јелачиќ во Загреб. 32-годишниот спортист и кинезиолог Кристијан Јосип Периш трагично почина пред еден месец во Клиниката за психијатрија „Свети Иван“ во Загреб, по што Жупанискиот суд им одреди истражен затвор на четворица медицински техничари под сомнение за тешко убиство.
На барање на неговото семејство, присутните истовремено кренаа бели перници во воздух, како симболичен потсетник на последните моменти од неговиот живот. Сцената предизвика силни емоции меѓу собраните граѓани.
„Подигнете ги перниците, нека оваа слика го обиколи светот. Ова не е само слика на она што му се случи на Кристијан, туку и на сè што нè задушува како општество“, порачаа од комеморацијата.
На плоштадот многумина дојдоа со бели перници, а на почетокот на екранот на бината беа пуштени коментари на граѓани за трагичниот случај со пораки од социјалните мрежи.
„Ме задушува незнаењето на народот за психичките болести, ме задушува сознанието во каков трул систем живееме… Ако не можеме да му веруваме на својот доктор, кому тогаш можеме?„, беа дел од пораките.
Сестрата на Кристијан, Михаела, одржа говор во текот на кој не можеше да ги задржи солзите.
„Отсекогаш бев горда што на училиште сите ме знаеја поради брат ми. Денес стојам овде и ми е невозможно да го сумирам она што го мислам за 10 минути. Дури со годините сфатив колку сакаше Кики да ме заштити, никогаш не престана да чувствува колку мора да биде тука за мене. Никогаш, никогаш не помислив дека ќе нè чува од небото… никогаш не излезе од дома без сите по ред да нè бакне. Верував дека тоа ќе биде засекогаш. Беше горд на сестрата што стана докторка. Требаше да стане татко“, рече во својот емотивен говор Михаела.
Пејачот Марко Кутлиќ кој беше дел од демонстрантите одржа говор. Замоли за минута молк и молитва.
„Погледнете во што се претворивме како општество. Доста беше, отсега повеќе нема да молчиме, нема да нè задушите. Семејството на Кристијан не премолче. Затоа сме тука. На секого може да му се случи ова. Бараме сите во ланецот да одговараат“, изјави тој.
Во пресрет на протестот семејството на Периш, презентираше пет барања за промени во актуелниот систем, меѓу кои нови правила за скротување, видео-надзор без исклучок и непосреден преглед на снимките, сослушување на сите што биле во контакт со починатиот во установата, проверка на сите отворени боледувања по смртта на Кристијан и Клиниката да се преименува во име на починатиот.
Иако семејството повика на комеморација во Загреб, спонтано се испланира и мирен собир во Риека. Граѓаните во исто време како и во Загреб ќе се соберат кај фонтаната на плоштадот Јелачиќ, од каде што ќе пешачат до Јадранскиот плоштад каде што со едноминутно молчење ќе се простат од починатото момче. Семејството истакна дека оние што не се во можност да дојдат во Загреб, да се вклучат така што на балконите или прозорците ќе закачат бела навлака за перница како симбол на поддршка.


