Момчето од битолско кое ја удираше и давеше девојката ќе одговара за кривичното дело телесна повреда односно повреда нанесена при вршење семејно насилство, соопшти Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола.
Против него е поднесен обвинителен предлог и се бара судот да му го продолжи притворот.
„Обвинетиот, на 10 ноември, во неговиот дом во Битола, телесно ја повредил неговата девојка. По вербална расправија меѓу нив, ја удирал по лицето со тупаници и шамари, па ја стегал за вратот и устата, со што и нанел површинска телесна повреда и неколку нагмечувања и крвни подливи“, велат од ОЈО Битола.
24-годишното момче веќе се наоѓа во притвор каде заврши откако сам се предаде на полицијата.
За потсетување, по насилството, тој избега низ прозор од полициска станица и неколку дена беше недостапен за надлежните органи. На 16 ноември, тој самиот се пријави во полиција.


