Цената на електричната енергија што ја плаќаат граѓаните веројатно од 1 јануари 2027 година ќе поскапи за 2 до 3 проценти.
Ова го соопшти претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов, во гостувањето во Дневникот на ТВ Сител.
Како што рече Ристов, се очекува мало зголемување, но за да биде поправично се работи на модел со кој евентуалниот дополнителен трошок ќе се распредели во тарифните модели.
Компаниите од енергетскиот сектор ги доставиле финансиските и техничките барање до Регулаторната комисија и тие во моментов се анализираат додека РКЕ треба да донесе одлука до крајот на 2026, а новите цени да важат од 1 јануари. Сите бараат зголемување на цената.
„Од тоа што се желбите, на крај ќе видиме што ќе биде она што Регулаторот ќе го направи како одлука. Ние сепак сме тука на бедемот да направиме компромис меѓу барањата и она што значи интерес на граѓаните“,рече Ристов.
Претходната недела, премиерот Христијан Мицкоски рече дека државната Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), која произведува струја, нема да бара поскапување на струјата – ќе достави иста цена како и лани за електричната енергија до генералниот снабдувач во државата ЕВН. Но, рече тој, не може да гарантира дека нема да се зголеми од страна на приватните компании кои се дел од енергетскиот сектор.


