Јаглен од Косово и рестартирање на ТЕЦ „Неготино“, струјата би можела да поскапи до 5 отсто

Објавено:

Владата планира со зголемување на производството на електрична енергија во РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“, преку обезбедување јаглен од Косово, и со рестартирање на ТЕЦ „Неготино“ да обезбеди стабилно снабдување во текот на зимата и да спречи посериозно поскапување на струјата.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека целта е да нема зголемување на цената на струјата или, доколку има, тоа да биде минимално или помало од пет проценти.

Како прв чекор за зголемување на домашното производство, Мицкоски го посочи почетокот на транспорт на јаглен од Косово кон „Осломеј“ и „Битола“. За таа цел најави дека се подготвува посебен граничен премин, покрај главниот премин Блаце, кој порано го користел КФОР, а сега се адаптира во соработка со Армијата и Царинската управа.

На новиот премин се планира дневна пропустливост од повеќе од 200 камиони, покрај 50 до 60 камиони што би минувале преку Блаце.

Целта е дневно да се испорачуваат над 6.000 тони јаглен за термоелектраните. Дополнително ќе се користат домашниот ископ и помали количини јаглен од Грција. Тендерот за транспорт и ископ на јаглен во Косово е во тек и треба да заврши до крајот на месецот.

Вториот чекор е рестартирањето на ТЕЦ „Неготино“, чија производна цена на електричната енергија во моментов е двојно пониска од берзанската. Горивото ќе се транспортира од пристаништето во Солун преку железница, а во тек е итна реконструкција на делницата што од Коридорот 10 води до централата. Премиерот Мицкоски вели дека се обезбедени цистерни вагони и логистика, а транспортот ќе го организираат државните компании.

Оценка на премиерот е дека енергетската криза, која трае од крајот на февруари, се продлабочува поради ниските резерви на гас во Европа и ниските водостои на главните реки, што влијае и врз производството на хидроенергија. Сепак, очекува владините мерки да спречат поскапување на струјата.

Премиерот посочи дека цените на енергентите директно влијаат врз инфлацијата. Според него, просечната инфлација во октомври во земјава изнесувала 3,3 проценти, наспроти четири проценти во Европската Унија, додека во третиот квартал била 2,5 проценти кај нас и 3,5 проценти во ЕУ.