Кој прв почна, СДСМ или ВМРО ДПМНЕ – надзорна расправа за Алта банка

Објавено:

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната Надзорна расправа во собраниската комисија за финансирање и буџет за „Причините за воведувањето администрација во АЛТА банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност“, го повика премиерот Христијан Мицкоски да одговори што му кажал на гувернерот Трајко Славески кога му наредил да дозволи влез на Алта банка во Македонија.

Филипче посочи дека Мицкоски не може да се дистанцира од одговорноста за случајот со Алта банка, ниту да тврди дека не знаел за кого станува збор, бидејќи една година наназад јавно се зборува за банката и нејзиниот сопственик Давор Мацура.

Филипче потенцира дека одговорноста не завршува со дозволата за влез на банката, туку се отвораат и прашања за притисоци врз јавните претпријатија да продаваат акции на банката. Тој потсети и на изјавата на гувернерот Трајко Славески, која дополнително ја отвора дилемата за улогата на премиерот во целата постапка.

„Огромна е вашата политичка одговорност. Гувернерот Трајко Славески беше тој кој тоа го кажа. Моето прашање е што точно му кажавте на гувернерот, кога очигледно сте му дале наредба кога ве прашал што да прави со Алта банка и влезот на таа банка кај нас?“, рече Филипче.

Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски вели дека како претседател на државотворна влада, ќе стори сè за да најде решение за проблемот.

Тој потенцира дека влегува во процес во кој ќе се најде решение и ќе се спасат најпрво оние вработени кои се во самата банка, а потоа и оние доверители кои се наоѓаат таму, при што додаде дека банката е ликвидна и Народна банка навремено реагирала.

Премиерот Мицкоски посочи дека со чекорите кои се направени и тие кои следат се заштитува интересот и на граѓаните и на државата и ќе се дојде до решение во кое оваа банка нема да банкротира како Еуростандард во време на СДСМ.

Во однос на разговорот со гувернерот Трајко Славески премиерот Мицкоски посочи дека изминативе денови од една политичка партија се шират невистини и истото се спинува, затоа што нормално и логично е кога ќе се случи аквизиција на една банка, претседателот на Владата до дознае од Народната банка, а не од медиуми.